На 18-ти септември 2024 година во 15ч во Музичкото училиште „Словењ Градец“ – Словенија, ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска.
Станува збор за авторска електроакустична музика за деца, во изведба на Македонските пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови.
Авторскиот електроакустичен циклус за пијано насловен „Во светот на чудата“ инспириран од најпознатите цртани филмови на Волт Дизни и составен од 16 пиеси, премиерно ќе се изведе во Словенија во организација на училиштето „Словењ Градец“ – Словенија и познатата пијанистка и Професорка по пијано Маја Кастратовиќ која е влијателен промотер на Македонските уметници и Македонската музика во Словенија и светот.
Младите Македонски пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови се веќе докажани во Македонската пијанистичка елита и со стабилна прогресија го освојуваат пијанистичкиот подиум во Европа и светот. Имаат настапувано на најреномираните фестивали за сериозна музика во цела Македонија, на бројни Европски подиуми со исклучително захтевни репертоари на своите програми. Имаат освоено бројни награди на натпревари за пијано во земјата и странство како и златни пехари и медали. Публиката на нивните концерти секогаш со голем восхит и почитување ги проследува настапите, а со уште поголема духовност и импресии си заминува од нивните концерти. Музичките критичари во земјата и странство секогаш со најпофални рецензии ги опишуваат нивните настапи, а овој пат прилика да ја слушне нивната изведба ќе има и Словенечката публика.
Композиторката Ана Пандевска е авторка која се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуални размисли кои неретко се дел од овдешните, локални случувања. И токму тој спој, во кој се очитуваат и одредени влијанија од широката уметничка палета која го зазеде звучниот простор особено во еклектичниот 20. век, создава навистина импресивен креативен мозаик. Пандевска, како што и самата вели, постојано трага кон непознати, за неа неоткриени патеки кои во различната фаза од нејзиниот животен и креативен развој добива и поинаков гест.
За Пандевска, во процесот на создавање на едно дело подеднаква важност имаат формата, инструментацијата, содржината, филозофијата, кои се менуваат во зависност од појдовната идеја, една композиција не значи ништо, ако не е соодветно реализирана барем преку некои од музичките елементи – форма, хармонија, оркестрација, тембр, карактер, манир, гест… Пишува музика каква што сака да слуша, без притоа да создава стилски ограничувања. (Тина Иванова, Разговор со Ана Пандевска)
Осврнувајќи се кон досегашното творештво на Ана Пандевска, музикологот Марко Коловски ќе запише: „Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години – за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив – тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата. Каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство.“