Кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ги повика академските скулптори да се пријават за биеналната изложба „Скулптури на новото време 2023“.
– На изложбата можат да учествуваат академските скулптори од државата. Секој учесник може да учествува со најмногу три скулптури. Темата е слободна, како и изборот на техниката и материјалот. Авторот има обврска со приложените скулптури да достави и своја фотографија и биографски податоци кои ќе се отпечатат во каталогот посветен на оваа изложба. Скулптурите не треба да се со поголеми димензии од – 70×70×70 сантиметри и да се погодни за транспортирање, како и да се изработени во периодот 2020-2023 година, информираа од НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Изложбата ќе се одржи во септември годинава. Проектот е поддржан од Министерството за култура, а организатор и координатор на сите активности врзани за оваа изложба е Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
По завршувањето на изложбата скулптурите ќе бидат вратени на авторите.