ЗА ВЕРТИКАЛНИОТ ГАСЕН КОРИДОР НИЗ МАКЕДОНИЈА


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Минатите денови беше објавена вест дека Република Македонија (РМ) потпиша Меморандум за разбирање со кој официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор. Со тоа земјата станува дел од пошироката регионална соработка за поврзување на системите за пренос на природен гас во Југоисточна и Централна Европа.

Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави: „Енергетската независност значи државен суверенитет. Со овој чекор Македонија покажува дека е стабилен, предвидлив и сериозен партнер во изградбата на новата енергетска безбедност на Југоисточна Европа“. Понатаму вели дека со ова се прави историски исчекор …. Изјавите звучат еуфорично, а јас мислам дека работите треба да се гледаат малку пореално.


Денес во РМ природен гас пристигнува преку еден гасовод од Бугарија преку граничниот премин Деве Баир. Изграден е магистрален гасовод до Скопје и пуштен во употреба во 1998 година и тоа само до големи потрошувачи главно во и околу Скопје. Долги години гасоводот беше користен со 10 до 15% од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Искористеноста на гасоводот порасна до околу 40% по изградбата на “Те-То“, што значи сѐ уште е доста под номиналниот капацитет.

Во изјавите е кажано дека вертикалниот гасен коридор ќе биде многу важен за транзит на гас на север кон Србија и други делови од средна Европа. Но за да се согледа реалната слика за снабдувањето со гас на Балканот и Европа добро е да се знае каква е состојбата на гасоводните мрежи во регионов. Првин да ја спомнам Турција која претставува вистинска гасна крстосница бидејќи има гасни интерконектори со Русија, Азербејџан, Иран, Ирак, Грција, Бугарија. Грција веќе има интерконекции со Турција, Бугарија и Албанија, а се очекува интерконекторот со РМ да биде пуштен во употреба во 2027 година. Бугарија има конекции со Русија, Турција, Грција, Романија, Србија и РМ. Може да се каже дека РМ е слепо црево во гасоводната мрежа на Балканскиот регион. Заради тоа, гасниот интерконектор со Грција ќе има големо значење за зголемување на сигурноста за снабдување со гас на РМ. А коридори за снабдување со гас на Србија и други земји од Средна Европа веќе постојат.

Од државното претпријатие Номагас е дадена следнава изјава: Изградбата на интерконекторот (со Грција) има стратешко значење за енергетската стабилност на Македонија и регионот. Со неговото ставање во функција, државата обезбедува диверзификација на изворите на снабдување со природен гас, поголема конкурентност на пазарот и долгорочна енергетска одржливост за индустријата и граѓаните. Според мене ова е коректна изјава.

Треба да се знае дека природниот гас не е еколошко гориво бидејќи со неговото согорување се емитува јаглерод-диоксид кој учествува во глобалното загревање (климатски промени). Заради тоа во светот е почнат процес на отстранување од употреба на природниот гас, а ние допрва почнуваме со ширење на неговата употреба. Во многу земји се донесени прописи со кои природниот гас се забранува да се употребува во системите за греење на новите згради што се градат. А во РМ во тек е изградба на магистрални гасоводи низ целата држава, доцни веќе неколку години, но се планира масовно да се користи и за греење на простории и за индустријата. Во декември 2025 г. Државниот завод за ревизија соопшти дека за магистралните гасоводи се вложени 143 милиони евра, а сѐ уште не се ставени во употреба.

Бидејќи потребите за електрична енергија постојано растат, интензивно се градат нови капацитети за производство од обновливи извори на енергија (сонце и ветер). Но тие немаат стабилно производство 24/7 и затоа како транзиционо решение најчесто се градат гасни електроцентрали. Таков пример е Германија која се најде во енергетска криза, но тие планираат по десетина години природниот гас да го заменат со водород. Денес цената на водородот е многу висока и никој со сигурност не може да каже дали во иднина водородот ќе биде конкурентен на природниот гас. Но Германија и други европски држави имаат посилна економија и можат да поднесат повисоки цени со субвенционирање од државите.

Во контекст на вертикалниот гасен коридор се помнува енергетската независност на РМ која е поврзана со нејзиниот суверенитет. Гасните интерконектори ќе ја зголемат сигурноста во снабдувањето со природен гас, но тоа не значи дека се постигнува енергетска независност. Многу пати во минатото сум напишал дека за да се постигне тоа треба да се изградат електроцентрали во државна сопственост, а не од странски инвеститори кои електричната енергија ќе ја продаваат на отворен пазар. Тука пред се мислам на хидроцентрали (Чебрен и други), најмалку една гасна когенеративна електроцентрала, што е предвидено со енергетските стратегии веќе неколку децении. Овие централи се многу важни бидејќи ќе имаат базно (стабилно) производство што ќе се користи кога нема сонце и ветер.

На крај да резимирам дека вертикалниот гасен коридор е значаен за енергетската стабилност на РМ. Со него државата обезбедува диверзификација на изворите на снабдување со природен гас, поголема конкурентност на пазарот, а тоа ќе биде корисно и за индустријата и за граѓаните.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

10.09.2026

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK