Министерката за рударство и енергетика на Србија, заедно со претставници од 5 други министерства, 20 факултети, научни институти и енергетски компании, потпишале Меморандум за разбирање (МзР) за развивање на програма за нуклеарна енергија. Министерката Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ ја истакнала важноста за собирање на домашните и меѓународните експерти за да ја испитаат физибилноста на нуклеарната енергетика во Србија и покрај забраната од 1989 година за изградба на нови нуклеарни централи.
Прелиминарната студија ќе ги анализира технологиите и барањата за да се поддржи оваа иницијатива. Потпретседателката на парламентот Сандра Божиќ, популарно наречена „Сандра Нуклеарка“, ја истакнала улогата на нуклеарната енергија во остварувањето на целите на ЕУ за намалување на климатските промени. Премиерот Милош Вучевиќ изјавил дека меморандумот за разбирање ги исправува грешките од минатото, со поставувањето на нови цели за енергетска независност и заштита на околината.
Дали Македонија ќе остане заложник на пост-чернобилските грешки и стравови или решително ќе заврти нова страница во имплементацијата на нуклеарната енергија во нашата земја? Независно од тековната забрана за изградба на нови централи, забраната не важи за нуклеарни истражувања и тоа треба да се искористи.
Да се потсетиме, со претпоследната Енергетска стратегија на МАНУ за развој на енергетиката до 2030 година, беше предвидена изградба на нуклеарна централа до крајот на оваа деценија. Уште пред распадот на Југославија била предвидена изградна на нуклеарнацентрала во Мариово, но распадот на државата ги наруши сите планови. Во најновата стратегија, до 2040 година, нуклеарната енергетика не постои.
Сега, откако сме притиснати до ѕидот со енергетската сиромаштија, како и гаснењето на РЕК „Битола“ до 2030 година, за што претходната Влада потпиша согласност, немаме многу опции. Времето бргу поминува, 2030 година е веќе зад аголот, а ние сé уште немаме никаква конзистентна стратегија за енергетиката на утрешнината.
Дали нашиот план за енергетска акција предвидува да не се презема ништо, а загубата на РЕК „Битола“ да ја пополнуваме со увоз на електрична енергија, што е воедно специјалноста на новата министерка за енергетика и рударство?
Неоправдано се вложуваат преголеми надежи во фотонапонските електрични централи, но и тие се полуупотребливи без барем една реверзибилна хидроцентрала за складирање на енергијата, а за чија изградба исто така ништо не се зборува.
Додека власта спие, домашна компанија жедна за брз трговски профит ни нуди системи за батериско складирање, што ќе претставуваат вистинска еколошка катастрофа кога по 10 години ќе дојде време тие батерии да се отстранат и рециклираат, а ние немаме никакви услови за тоа.