Проф. Цицонков: Климатски промени: Нема свест, туку интерес (за профит)

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Неодамна видовме што се случи во Шпанија во градот Валенција и околу него. Катастрофални поплави, над 200 лица го загубиле животот. Пред неколку недели силни урагани и бури во САД (флорида), во делови на Индија, Кина, Италија, Словенија итн. Во летото (јули и август) во многу региони во светот имаше пеколни горештини со температури и преку 50 оС, големи суши и огромни шумски пожари. Бевме сведоци на топлински бранови во Македонија и за големите шумски пожари. За катастрофите и последиците може да се пишува многу повеќе од овие неколку реда. Материјалните штети изнесуваат многу милијарди долари, но има штети што не може да се проценат, а тоа се илјадници загубени човечки животи.

Главната причина за овие појави се климатските промени предизвикани од големите емисии на стакленички гасови: јаглерод-диоксид (СО2), метан, азотен-оксид и F-гасови. Најголемо учество има СО2 (околу 70%) кој се ослободува при согорување на фосилните горива: јаглен, нафта и природен гас.


Првиот официјален аларм за климатските промени беше вклучен во 1988 г. кога беше воспоставен Меѓународен панел за климатски промени (IPCC). Во 1992 е донесена Рамковна конвенција на Обединатите нации за климатски промени (UNFCCC) во чии рамки секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. На конференцијата во 1997 г. е донесен т.н. Протокол од Кјото во кој има некои задолжителни мерки за развиените земји и неколку механизми за редукција на емисиите на стакленички гасови. Треба да се истакне и Парискиот договор (2015 г.) со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 2°C, и настојување тоа да биде под 1,5°C до 2100 година.

Според Парискиот договор секоја земја треба до ОН да поднесува документ наречен “Национално определени придонеси“ (Nationally determined contributions) и тоа на секои пет години (следниот треба да биде поднесен во 2025 г.). Во него има извештај за состојбата, особено за емисиите на стакленички гасови, и планирани мерки за нивно намалување. Дали навистина има намалување на емисиите? Иако одговорите треба да бидат транспарентни, во суштина тие се базираат на изјави од типот на “жими мајка“. Нема ефикасен контролен механизам.

На глобално ниво постојат меѓународни инситуции со многу вработени што работат на полето на климатските промени. Исто така, голем е бројот на инволвирани во рамки на национални институции бидејќи државите имаат и обврски да спроведуваат конкретни активности во борбата против климатските промени и да доставуваат разни документи до ОН за резултатите од тие активности. Значи постојат илјадници лица кои што работат на полето на климатските промени, а јас би рекол и дека постои голема климатска бирократија. А какви се резултатите? Катастрофите наведени на почетокот на овој напис го даваат одговорот на ова прашање. Оваа констатација може да се поткрепи и со следниве факти:

– Синтезниот извештај на UNFCCC за 2023 година за национално определени придонеси (NDC) покажува дека светот е далеку од ограничување на глобалното затоплување на 1,5 °C зададено во Парискиот договор.

– Според последниот извештај на IPCC концентрацијата на СО2 во воздухот е покачена од 280 ppm (part per million) во 1850 г. на 420 ppm во 2023 г., а просечната температура на воздухот е покачена за 1,45 оС.

– Директен показател за фактичката состојба е дијаграмот на сликата подолу. Трендот на зголемување на емисиите на СО2 секоја година постојано се зголемува и покрај “напорите“ на меѓународните и националните тела. Во 2023 година емисиите на СО2 биле над 37 гигатони, а во 2024 ќе бидат уште поголеми.

 

Вкупно зголемување на емисиите на CO2 поврзани со енергијата (извор: IEA)

Постојано се зборува за зелена транзиција во енергетскиот сектор, а во реалноста се случуваат сосема спротивни работи: производството и потрошувачката на фосилни горива расте. Орото го водат компании од САД и други индустриски развиени земји, токму оние кои нѝ држат лекции за сé и сешто.

Спречувањето на климатските промени е комплексна проблематика. Потребна е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа во структурата на општеството. Треба да го редефинираме нашиот начин на живот, особено да се намали потрошувачката на енергија итн. Првите чекори треба да бидат направени кон големите производители и потрошувачи на фосилни горива, а иницијативата треба да ја предводaт политичките лидери и денешната “климатска бирократија“.

На тема климатски промени су пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK