Природниот гас не е еколошко гориво

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Последниве денови премиерот на Република Македонија (РМ) даде неколку изјави во врска со нови инвестиции во изградба на когенеративни гасни термоцентрали. Најголем повод за ова е загадувањето на воздухот во Скопје и други градови во земјата, но и нови инвестиции за производство на електрична енергија.

Во врска со ова да напомнам дека во РМ на секои пет години се изработува Стратегија за енергетски развој за следните две до три децении. Во сите тие документи од последните дваесет и повеќе години е предвидено изградба на когенеративни гасни термоцентрали, но државата не изгради ниту една.


Да наведам дека во Скопје веќе има когенеративна гасна термоцентрала во сопственост на фирмата “ТЕ-ТО“ која истовремено може да произведува електрична енергија со моќност од 220 MW и топлинска енергија од 160 MW, а пуштена е во погон во 2012 година. Искуствата од технички и комерцијален аспект на овој проект може да послужат како да се пријде кон новите инестиции за вакви постројки. Инаку изградбата на оваа постројка беше иницирана од Топлификација АД Скопје заедно со партнер од Русија. Топлификација АД имаше учество од околу 30%, но подоцна отиде во стечај под чудни околности.

Но да се вратам на актуелната тема на инвестиции за изградба нови когенеративни гасни централи. Премиерот изјави дека се водат интензивни преговори со три компании кои се сериозно заинтересирани за вложување во ваков тип на енергетски производни капацитети и нормално се бараат што поповолни услови. Тој нагласи дека кај оваа инвестиција нема да биде загарантиран откупот на електрична енергија, туку ќе биде на основа на правилата на пазарот. Мицкоски додаде, цитирам: “Секако, ќе биде инвестиција која што ќе користи зелена енергија, бидејќи се обврзавме со планот за раст дека ќе овозможиме производите што ќе се извезуваат во Европската Унија да имаат зелено брендирање дека се произведени од зелена енергија“.

Во интерес на правилно информирање на јавноста сакам да објаснам дека производената енергија кај гасните когенеративни централи не е зелена енергија бидејќи природниот гас е фосилно гориво така што при неговото согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на глобалното затоплување, односно климатските промени. Веројатно оваа изјава е дадена во контекст на избегнување на локалното загадување на воздухот во градовите. Да, гасот е еколошко гориво во однос на локалната средина бидејќи не ја загадува. Но да повторам уште еднаш: ПРИРОДНИОТ ГАС НЕ Е ЕКОЛОШКО ГОРИВО. Од него не се добива зелена енергија.

Претпоставувам дека преговорите со потенцијалните инвеститори за гасни когенеративни централи се комплексни. Приватната компанија ќе инвестира заради профит, а тоа значи дека ќе гледа да постигне што повисока цена при продажбата на електрична енергија, веројатно на отворен пазар по берзански цени. Значи тука нашата држава не може да добие многу освен смалена цена за неколку проценти затоа што нема да има трошоци за пренос (при увоз од надвор). Од друга страна, постројката ќе работи оптимално (и најекономично) ако истовремено произведува и топлинска енергија, а истата може да се користи само во близина на локацијата (во или до градот). Тука може да се постигне пониска цена за топлификација (“парно“) на градот.

По енергетската криза во 2022 година во РМ има интензивни инвестиции во производство на електрична енергија од обновливи извори, најмногу од сонце. Додатен поттик е цената на фотоволтаиците која постојано опаѓа така што инвестициите во нивно инсталирање се исплатуваат за пет до десет години. Најавени се големи странски инвестиции во ветропаркови за производство на електрична енергија. Но производството на електрична енергија од сонце и ветер е моментално. Ако ги нема, потрошувачката на електрична енергија треба да се покрива од стабилни производители, а такви во РМ нема доволно и тогаш се купува електрична енергија по берзанска цена која може да биде многу висока. Бидејќи државата има потреба од базно производство, се препорачува таа да биде инвеститор на најмалку една когенеративна гасна централа и тоа веднаш. Впрочем, тоа е предвидено во претходни стратегии за енергетски развој на РМ (од пред 20 години и повеќе). Во овој контекст уште еднаш да потсетам и за хидроцентралите Чебрен и Галиште, зошто уште се чека со почеток на овие (државни) инвестиции? За таков тип на инвестиции може да се најдат многу поволни кредитни услови.

На крајот да завршам: бидејќи природниот гас не е еколошко гориво, на него треба да се смета како транзиционо гориво додека не се дојде до целосно “зелена“ енергија. И би сакал овој напис да се сфати како добронамерна забелешка заради правилно информирање на јавноста.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

18.11.2024

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK