Минативе две години откако дојде новата влада во Република Македонија (РМ) речиси секој ден на јавните медиуми се зборува за капитални инвестиции, и тоа за изградба на патишта и железници. Првите активности беа насочени кон завршување на автопатот Кичево – Охрид така што еден дел е веќе пуштен во употреба, а целосно ќе биде пуштен во почетокот на 2027 година. Исто така, веднаш беа почнати подготвителни работи за изградба автопатските делници според договорот склучен со “Бехтел и Енка“ во март 2023 година, а за кои претходната влада не мрдна од место. Мислам дека планот за изградба на делниците според овој договор беше погрешно поставен бидејќи немаше услови во исто време да почнат работите на сите три делници. Ниту државата имаше направено експропријација на трасите, ниту изведувачот имаше донесено механизација и работна сила. Многу порационално ќе беше сите сили да се ангажираат првин само на делницата Гостивар-Кичево, која моментално е најтешка за возење (многу кривини, угорници и удолници, првојот Стража), а по две или три години да почнат Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола. На тој начин, следната година ќе се возеше од Скопје до Охрид многу полесно, речиси како по целосен автопат.
Но почнувајќи од минатата година почнаа најави за изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија, како и нова подобрена пруга за товарен транспорт, инвестиција од приближно две милијарди евра.Исто така, продолжи изградбата на одредени делници на железницата од Куманово до Крива Паланка, а во план е да оди до граница со Бугарија. Најавена е модернизација на пругата до Кичево, а со цел продолжување до албанската граница во блиска иднина. Се проценува дека инвестициите само за коридорот осум (патишта и железница) ќе изнесуваат околу шест милијарди евра.
Може да се заклучи дека има големи капитални инвестиции и тие се претежно во транспортниот сектор. Веројатно за ова големо влијание има министерот за транспорт Александар Николоски кој воедно е и заменик претседател на владата на РМ. Значи се наметнува впечаток дека тој го форсира својот сектор. Но се поставува прашање, дали РМ има зацртано развојна стратегија при која се вложуваат повеќе милијарди евра за патишта и железница во само неколку години? Дали има и колкави се капиталните инвестиции во другите сектори?
Веднаш ќе нагласам дека “неправедно“ е третиран енергетскиот сектор. Факт е дека во минатите неколку децении државата нема изградено ниту една термоелектрана и ниту една хидроелектрана. Од друга страна, состојбата на термоцентралите во РЕК Битола е многу лоша бидејќи тие се многу стари и подложни на дефекти и работат со редуциран капацитет. Покрај тоа, резервите на јаглен во рудниците се речиси исцрпени, па мораме да увезуваме големи количини јаглен. Прашање на време е кога тие ќе бидат затворени иако беше планирано тоа да биде во 2025 година, а последна прогноза е 2030 година. Со нивно затворање РМ ќе остане без главното производство на базна енергија бидејќи хидроелектраните покриваат само околу 25% од потребите на земјата.
Во последниве неколку години има масовна изградба на фотоелектрични централи што делумно ја ублажува енергетската криза кај нас. Но тие произведуваат само кога има сонце, а капацитетите за складирање (батерии) се многу мали. Заначи, во земјава мора да има стабилни (базни) произведувачи како што се хидроелектрани и термоелектрани. Ова се потврдува и со фактот дека околу 30% од потребите за електрична енергија РМ ги покрива со купување на отворен пазар (најчесто од увоз), а тоа се големи финансиски средства. На пример, во 2025 година за таа намена се потрошени околу 250 милиони евра плус трошоци за увоз на јаглен и мазут за РЕК Битола. За неопходната потреба од изградба на државни термоелектрани (на гас) и хидроелектрани сум пишувал безброј пати последниве години.
И еве добра вест од ЕСМ пренесена и во јавните медиуми: АД ЕСМ и Светска банка потпишаа договор за грант за мега проектот за когенеративна централа „ РЕК Битола 1“. Се работи за грант од 2,4 милиони долари за реализација на подготвителни активности за когенеративна централа РЕК Битола 1 со капацитет од 250 MW (до 300 MW). Оваа сума е околу 1% од вредноста на инвестицијата, но е многу важна бидејќи реализацијата е навистина остварлива бидејќи позади неа стојат Светска Банка и Владата на РМ. Да напомнам дека природниот гас е фосилно гориво, значи не е еколошко, но е многу подобро во споредба со јаглен. Ако емисиите на јаглерод-диоксид (СО2) при согорување на јаглен се 100% (референтна вредност), гасот има емисии на СО2 од 60%. Од тие причини природниот гас се гледа како транзиционо гориво. Во некои понапредни земји се планира во блиска иднина природниот гас да се замени со водород кој денес има релативно висока цена.
Во последно време актуелна е темата за изградба на центри за податоци (дата-центри) заради функционирање на вештачката интелегенција. За нивната работа потребно е големо количество на електрична енергија и (зависно од системот) вода за ладење. Премиерот Христијан Мицковски најави можни странски инвестиции за изградба на дата-центри во РМ. Во таков случај, треба да се направи детална студија за електроенергетските потреби и производствени капацитети, електропреносна мрежа итн. Во денешната состојба на електроенергетскиот систем на РМ ние немаме доволно електрична енергија за домаќинствата, а за дата-центри треба многу да се направи. Но тоа е тема што бара подетален пристап и поширока анализа од многу аспекти: исплатливост, потреби од електрична енергија и вода, екологија, урбанизам итн.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
18.06.2026