Овие неколку дена една од главните теми на јавните медиуми е можно отворање на центар (кампови) во Република Македонија (РМ) за сместување на нелегални мигранти од Обединетото Кралство (ОК). Во некои британски медиуми било објавена информација дека се водат формални разговори меѓу двете држави, а за што ОК би ѝ плаќало на РМ за секој мигрант што ќе биде прифатен. Ова се поврзува со договорот за стратешко партнерство што РМ го склучи со оваа земја пред неколку месеци. Од друга страна, Владата и Премиерот на РМ категорично ги отфрлаат ваквите информации.
Меѓународна миграција на население во светот постоела во минатото, постои денес и ќе постои во иднина. И кај нас во Македонија постои уште од минатото (одење на печалба), имаме и народни песни за тоа како што се “Параходот ми пристигна“, “Туѓината пуста да остане“ итн. А иселување постои и денес и тоа доста масовно.
Според Одделот за население на Обединетите Нации (ОН) во 2024 година во светот имало 8,2 милијарди луѓе, а во средината на 2024 година имало рекордни 304 милиони мигранти во светот, што претставува околу 3,7% од вкупното население во светот. Најголемиот број бил во Европа: 94 милиони, а поединечно (во милиони): во Германија 12,1, Шпанија 6,5, Франција 6,0 и Италија 5,3.
Заради драстичното „стареење“ на жителите во Европа, со што се намалува бројот на работоспособното население, се јавува голем недостиг на работна сила за потребите на реалната економија и за секторот услуги во ЕУ. Поради ваквата ситуација, комесарката за внатрешни работи изјави дека е неопходна легална миграција во ЕУ од еден милион луѓе годишно. Значи ЕУ бара квалификувана работна сила (школувана; обучена). Во тој контекст ги сведува луѓето во економска категорија како што е на пример трговската стока. Јас ова го гледам како еден вид понижување на граѓаните од другите земји надвор од ЕУ.
Но во последно време и РМ се соочува со недостиг на работници во одредени области како што се градежништвото, угостителството, услужни дејности и друго. Во 2023 година од нашата влада беа дадени работни дозволи за “увоз“ на работници од Пакистан, Бангладеш и Непал, а јас се сеќавам дека на телевизија гледав неколку од нив како работат во ресторан во Охрид. Слушнав дека тие работници биле повеќе заинтересирани да одат во побогатите ЕУ земји и не знам дали останале некои од нив во РМ?!
Но што се случува со мигрантите од сиромашните земји кои претежно живеат од земјоделство кое е погодено од катастрофите од климатските промени. Голем дел од тоа население се решава да мигрира во други земји за да преживее. Тие луѓе решаваат да одат на долги и ризични патувања при кои има и голем број на жртви. И низ територијата на Македонија има коридор на илегални мигранти кои потекнуваат од Азија и од Африка. Тие бараат нова средина за да преживеат. Меѓутоа, ЕУ и ОК не сакаат да примаат такви (илегални) мигранти бидејќи е тешко или не може да ги вклопат како работна сила во нивната економија и во услужните дејности. Дополнителни причини се и што народите од тие земји имаат различни религии, обичаи и начин на живот што претставува проблем за вклопување од социјален аспект. Дека не ги сакаат тие мигранти доказ се многубројните бариери од бодликави жици поставени на голем број граници. На барање на ЕУ бодликави жици има и на границите на РМ.
Вината за климатските промени е кај индустриски развиените земји. На пример, годишните емисии на СО2 по жител се многу високи во САД и изнесуваат 14,2 тони/жител, а последиците ги трпат земји со ниски емисии. Пред неколку дена имаше огромни поплави во југоисточна Азија, а емисиите на СО2 по жител таму се многу ниски: Шри Ланка 0,9, Индонезија 2,87, Филипини 1,51, Тајланд 3,74 и Виетнам 3,67 тони/жител. Покрај човечки жртви, таму има огромни штети во земјоделството. Развиените земји можат барем малку да ги намалат гревовите што ги направија (и сé уште ги прават) на начин да ги елиминираат или ублажат причините за миграција, а тоа е континуирана материјална и техничка помош на тие сиромашни земји додека не се создадат елементарни услови за живот во тие земји, па на тој начин да се спречи миграцијата. Потребен е сосема поинаков приод за решавање на миграцијата од сиромашните кон побогатите земји.
Во овој напис нема осврт на политичките мигранти и оние што бегаат од воени жаришта. Таму се употребува многу воено оружје. А јавна тајна е кои земји произведуваат, тргуваат и профитираат со воено оружје. “Не знам“ дали е случајно што воените жаришта најчесто се наоѓаат во земји богати со нафта и природен гас.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
11.12.2025