КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ – ПАРИТЕ ГО ВРТАТ СВЕТОТ


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Олку високи температури во јуни месец до сега немало ниту во Македонија, ниту во Европа. Интензивни топлински бранови ја погодија не само јужна, туку и западна, средна и источна Европа, со температури над 40оС. Бројот на починати луѓе од интензивните жештини изнесува многу повеќе отколку во нормалните услови во другите периоди во годината. Се работи за повеќе илјади жртви само од топлинските бранови. Притоа треба да се земат предвид и многу штети во економијата, земјоделството, сообраќајот, зголемена потрошувачка на електрична енергија и др.

Во јавните медиуми циркулираа разни соопштенија како луѓето да се справат со високите темепратури, а тоа се познати работи што се повторуваат како и порано во слични ситуации. Но овој пат температурите беа рекордно високи, а многу куќи и згради изградени во минатото не се соодветни за живеење во вакви екстремни услови. Од друга страна, земјите со умерена клима како што се Франција (поголемиот дел), Англија, Германија и други немаат вградено ниту индивидуални клима уреди, ниту централни системи за климатизација. Уште повеќе, Европската Унија (ЕУ) се залага за неинсталирање на системи за климатизација за да не се троши електрична енергија која во голем дел се произведува од фосилни горива.


За темата топлински бранови многу се зборува само во моментите додека траат и најчесто се даваат совети за начините како луѓето да се заштитат и да се адаптираат. Притоа се спомнуваат климатските промени како причина за нивната појава без да се навлегува подетално во тој проблем. Овие денови топлинските бранови веќе ги нема и работите ќе си течат понатаму вообичаено до некои следни топлински бранови, но и други екстремни временски непогоди (поплави, урагани, суши, шумски пожари и др.).

Суштината на проблемот е како да се намалат и спречат климатските промени бидејќи само на таков начин ќе се спречат топлинските бранови и другите екстремни временски непогоди. Се работи за многу сложен проблем кој официјално почна да се третира од 1988 година со формирањето на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC). Во 1992 година е донесена Рамковна конвенција за климатски промени во рамките на Обединетите Нации (UNFCCC) според која секоја година се организира Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. На една таква конференција е донесен Протоколот од Кјото (1996 г.) со кој развиените земји имаат обврска да направат релативно мала редукција на емисиите на стакленички гасови. Но САД (претседател Бил Клинтон) не го потпишаа тој договор со образложение дека тоа ќе ја попречува нивната економија.

Во 2015 година со меѓународен консензус беше донесен Париски договор, обврзувачки документ со кој се бара секоја земја да постави своја национална цел за ограничување на емисиите на стакленички гасови и да одлучи колку пари ќе даде за земјите што се најтешко погодени од климатските промени. Но САД се повлекоа од него во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп (2017 г.) и во вториот мандат (2025 г.). Воедно тој ги укина сите ограничувања за експлоатација на нафта, гас и јаглен, плус овозможи давање субвенции за нови дупчења за поголемо производство. Но со тоа се зголемуваат емисиите на стакленички гасови кои ја покриваат целата планета Земја, а не само Америка. Климатските промени Трамп ги нарекува “голема измама“. Но за тоа дали е измама или не меродавно е мислењето на научниците, а не на политичарите.

Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг (тело на ОН) во јули 2025 г. донесе пресуда според која државите имаат обврска да ја заштитат животната средина од емисиите на стакленички гасови. Генералното собрание на ОН во мај 2026 г. со огромно мнозинство изгласа резолуција со која се потврдува одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Текстот на резолуцијата на ОН вклучува усвојување на национален план за климатска акција за ограничување на глобалната температура под 1,5 оС; постепено укинување на субвенциите за истражување, производство и експлоатација на фосилни горива.

Кога бев дете еден пријател на татко ми кажа една анегдота од античко време. Александар Македонски го посетил филозофот Диоген на Коринт и го прашал што сака да направи за него. Овој одговорил (парафразирам) “Тргни се малку настрана за да ме грее сонцето“, во смисол дека тоа не е негово, туку на сите луѓе. Инаку, во тоа време важело правило, ако некој се спротистави на крал или го навреди, веднаш го убиваат. Дали денес ќе се најде некој како Диоген да му каже на Доналд Трамп (САД) да не ја загадува атмосферата (со стакленички гасови), бидејќи таа ја покрива целата земјина топка, т.е. сите луѓе?! Јас очекував тоа да го направат земјите од ЕУ, но тоа не се случува. Уште повеќе, точно во јули 2025 г. ЕУ склучи договор со кој се обврзува да купува нафта и гас од САД во вредност од 750 милијарди долари годишно, а со цел задржување на царините на 15%.

Значи, и за климатските промени важи: ПАРИТЕ ГО ВРТАТ СВЕТОТ.

Деновиве гледаме натпревари на светското фудбалско првенство, а на стадионите најмногу реклами има Aramco, компанија за нафта и гас од Саудиска Арабија. Има највисоко (најскапо) ниво на промоција и најмасовна гледаност во светот. Предлагам да се воведе забрана за рекламирање на компании што работат со нафта и гас слично како што се воведе забрана за рекламирање на цигари.

На тема климатски промени сум пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

 

Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор

Машински факултет – Скопје

*Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

03.07.2026

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK