Договорите се за да се одржуваат – гласи слободниот превод на латинската максима „pacta sunt servantа“, на која се повикуваат Грција, Бугарија и ЕУ, кога сакаат да ја потсетат Македонија дека една нејзина влада, во нејзино име потпишала Конечна спогодба или т.н. Преспански договор со Грција и Договор за соработка и пријателство со Бугарија.
Без оглед што граѓаните на Македонија не беа консултирани за одлуката за Договорот со Бугарија, а за оној со Грција не беше постигнато ни потребното мнозинство за да се донесе одлука на референдум – вторите (па и третите) страни во истите тие договори бараат македонската држава најдоследно да се придржува до договорите, иако ни грчката, ни бугарската држава не гледаат причина зошто тие би спроведувале реципрочно малиот дел од обврските што ги добија со истите договори.
Асиметричноста на двата договора од самото нивно потпишување логично ја наведува македонската страна на барање излезно решение за правичност и рамноправност според принципите на меѓународното право. Уште во 2019 година, веднаш по усвојување на Преспанскиот договор во македонското Собрание, професорот Френсис Ентони Бојл, тогаш предавач по меѓународно право на универзитетот Илиноис во САД, како правна опција за негово раскинување ја посочи Виенската конвенција за договорно право.
„ Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии, кои го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот.
Во одделот 2 (Ништовност на договорите), членот 46 гласи: 1. Државата не може да се повикува на фактот дека нејзината согласност да биде обврзана со договорот изразена со прекршување на некоја одредба од нејзиното внатрешно право во врска со надлежноста за склучување договори како на причина за поништување на нејзината согласност, освен ако тоа кршење не било манифестно/очигледно и се однесувало на некое правило од нејзиното внатрешно право со фундаментално значење. 2. Кршењето се смета за очигледно ако е објективно јасно за секоја држава, која во врска со тоа се однесува во согласност со вообичаената практика и во добра верба.
Значи, ги нагласувам делот на евидентноста на кршењето на внатрешното право и тоа во врска со одредби од фундаментално значење! Во конкретниот случај, јасно е дека повредите на националното право во Македонија биле ‘евидентни/видливи’ за Грција. А повредите на вашиот устав секако претставуваат ‘одредби со фундаментално значење’.
Така, како прелиминарна оцена, и без продлабочено анализирање на спецификите на вашиот случај, веднаш ми се наметнува заклучокот дека некоја идна влада би можела да го поништи договорот врз оваа правна основа,а во контекст на Виенската конвенција. Верувам дека ова е добар аргумент од кој може да се почне анализата на слабостите вградени во овој договорен однос.
Верувам дека анализата би покажала и други можни правни основи за поништување на договорот, но за почеток би тргнал од оваа одредба. Важно е дека и Македонија и Грција се држави-потписнички на Виенската конвенција и се должни да ја почитуваат“, напиша професорот Бојл во 2019 година.
Што претставува Виенската конвенција во меѓународното право
Виенската конвенција за правото на договори – ВКПД (VCLT) е меѓународен договор кој ги регулира договорите меѓу суверените држави.
Продолжете со читање на mkd.mk