Сестра Ефимија за МИА: Суштината на Божиќ е љубов, простување, духовно обновување и единство со Бога и со ближните

sestra efimija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) – Да не дозволиме да бидеме измамени со комерцијалните и социјалните конструкции за значењето на празникот Божиќ, поимајќи го како празник на дарувањето и на домашната хармонија. Божиќ е далеку повеќе од само празник за сплотување на семејството – тоа е мигот кога Бог влегува во минливата историја на човештвото, за да го повика човекот да стане учесник во вечноста, слегува на земјата за да ни даде можност да се искачиме на небото, порачува во интервју за МИА сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица.

За многумина, како што наведува, дури и во овој современ контекст, Божиќ е време за литургиско празнување во храмовите, од кое понатаму произлегува вистинската духовна радост и сплотување со ближните. – Токму оваа перспектива на празникот е она што треба да нè води, без оглед на тоа што светот околу нас често ја нагласува формата наместо суштината. Значи, пораката на Црквата во овој контекст е јасна: да се вратиме на суштината! Божиќ е момент за љубов, простување, духовно обновување и единство со Бога и со ближните. Тоа е повик да се ослободиме од духот на зависта, злобата, себичноста и материјализмот, и да го отвориме своето срце за вистинската радост – раѓањето на Христовиот мир во нашите срца, посочува таа.


Со сестра Ефимија разговаравме на почетокот на божиќниот пост за кој укажува дека е неопходно е да ја разбереме повозвишената цел – дека тој е време за стишување, време на засилена духовна борба во која се трудиме да се откажеме од секаква злоба, завист и осудување, време во кое треба внимателно да бдееме над себеси, да набљудуваме што се случува со нас, какви слабости се будат внатре во нас и каков однос имаме ние кон видливите и невидливите пројави на нашата природа.

Разговараме и за денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица за кој вели дека е повик до секој од нас да пристапиме кон Бога со истата љубов и смирение како Пресвета Богородица, дозволувајќи Неговата волја да го води нашиот живот. И не само тоа, туку нè потсетува и дека пристапот до Бога никако не е ограничен само на одредена група луѓе, туку е можност која е дадена секому.

Сестра Ефимија со МИА ги споделува и активностите на сестринството во Рајчица, препознатливо по изработката на божиќните пештери што ги носат децата за Бадник, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ и најавувајќи го така празникот Божиќ по сите градови и населени места во држава. Како дел од негувањето на богатата мисионерска и духовна активност на монашките заедници, годинава организираат трибини на кои дискутираат за различни општествени предизвици.

Во продолжение интервјуто во целост: 

интервју

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK