Нотари: Дали нѐ заштитуваат или не?

3cb4facd-resize-820x0x100
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Нотарите ни го комплицираат животот, тие се тука само за да им ги земат парите на граѓаните, а нивната улога во општеството е сосема непотребна. Не ми треба нотар, тоа е залудно трошење пари“, ова се само дел од заблудите во јавноста во однос на работата на нотарите во државата. Често се чини дека обичните граѓани немаат јасна претстава за улогата на носителите на правните професии во општествениот живот, особено кога станува збор за нотаријатот.

Перцепцијата што често се провлекува во јавноста е дека користењето на нотарските услуги го комплицира животот на граѓаните, а всушност реалноста е дека нивното постоење всушност го поедноставува нивниот живот на долги патеки, може да спречи долги и скапи судски постапки и да ја зголеми правната сигурност на секој граѓанин. Впрочем, тоа се и трите постулати врз кои се потпира нотарската дејност – растоварување на правосудството, ефикасност и економичност и поголема правна сигурност.


Една од основните и главни задачи на нотарот е составување на нотарски исправи за правни дела или договори со кои се стекнува или пренесува право на сопственост (на пример договор за продажба на недвижност, договор за дар, договор за доживотна издршка и слично. Преку извршување на оваа задача, нотарот обезбедува нормален и безбеден тек на правниот живот на граѓаните и правните субјекти.

Друга, иако навидум поедноставна, но исто така една од основните задачи на нотарот е заверката на различни типови на документи (договори, изјави, полномошна, потврди, преводи, преписи и сл.). При извршувањето на оваа задача, главната улога на нотарот се состои во потврда на идентитетот на потписниците, со увид во лична карта или пасош, со што нотарот гарантира дека лицата кои го потпишуваат документот се легитимни и овластени да го направат тоа. Можеби за многумина ова би звучело чудно или сосема непотребно, но факт е дека со потврдување на автентичноста на документите, се намалува ризикот од фалсификување, со оглед на тоа што често сме сведоци на измами преку злоупотреба на лични податоци или на лични документи, нешто што може да доведе до сериозни финансиски загуби кај граѓаните. Затоа, преку идентификација на лицата кај нотарите се гарантира дека сите страни ја разбираат содржината на документите и се согласуваат со условите, без да имаат влијание од трети лица. А сето ова се прави за многу брзо и кратко време, односно не е потребно долго чекање пред шалтери.

Оттаму, клучната улога на нотарот е да извршува неколку функции во однос на автентичноста и легитимноста на правните документи. Секоја задача што ја извршува нотарот помага да се спречи измама и да се обезбеди сигурност на важни трансакции кои секојдневно ги прават граѓаните, без разлика дали се купува или се продава автомобил или стан, се склучува деловен договор или пак се покренува оставинска постапка.

Освен тоа, нотарските услуги гарантираат дека документите се усогласени со она што го бараат законите во државата, процедури кои гарантираат дека потпишаните документи се валидни пред судовите.

Она што е од исклучителна важност е дека по процесот на составување на нотарска исправа за одредено правно дело или заверка на документите, нотарите располагаат со детална евиденција, вклучувајќи го датумот, времето и видот на документот составен или заверен на нотар. Ваквиот начин на водење евиденција е од суштинско значење бидејќи служи како референца во случај на идни спорови или при покренување на какви било правни прашања во иднина.

Според ова, граѓаните имаат голем број предности доколку се обратат кај нотар, дотолку повеќе што тој непристрасно пристапува кон учесниците, им ги толкува изјавите на волја и правните последици, овозможува поголема доказна сила на одреден документ (веродостојност) и обезбедува својство на јавна исправа, а во одредени случаи и својство на извршна исправа.

Во време кога светот е затрупан со правни документи, договори и трансакции, да се биде сигурен за автентичноста и интегритетот на овие документи е од круцијално значење, па оттаму и одговорот на прашањето што го поставуваме – нотарите апсолутно нудат заштита за граѓаните и токму затоа се неизоставен дел од правниот систем.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK