Борис Ефтимовски е стратег за комуникации, маркетинг и бизнис развој кој повеќе од една деценија работи во земјава и регионот. Основач е на неколку свои бизнис брендови во различни сегменти, но работи и како консултант и советник за повеќе компании, институции, медиуми, организации и поединци. За себе едноставно вели дека е „човек кој ги поврзува точките, ги поддржува добрите луѓе и се труди да биде спојка помеѓу идеите и резултатите.”
Во ова нетипично интервју, со Ефтимовски разговараме за новата култура на политичка зрелост, за улогата на граѓаните како коректив, за медиумите како филтер на вистината и за тоа како Македонија може да излезе од кругот на традиционални политички навики и да влезе во циклус на континуиран развој.
- Господине Ефтимовски, што точно подразбирате под пораката: „поддршка за добрите политичари, замена за лошите“?
Оваа порака пред сè не е политичка, туку е системска. Суштината е едноставна: политичарите треба да се поддржуваат поради резултатите, а да се заменуваат поради недостиг на резултати, а не поради партиска боја или емоција.
Во зрелите демократии тоа е нормален циклус: кој работи-продолжува; кој не работи-заминува. Кај нас, за жал, логиката често е обратно поставена: се навивa за личности поради партиска и етничка припадност, а не се вреднува „испораката“ што ја нудат.
Јас имам мисија да ја поттикнам таа култура на рационалност. Кога граѓаните ќе почнат да ги следат бројките, проектите, роковите, транспарентноста и отчетноста, системот природно ќе почне да ги наградува оние што работат и да ги заменува оние што не испорачуваат. Тоа е здрав механизам, можеби не толку посакуван од политичарите, но насушно потребен за државата.
На крајот, политиката не треба да биде „ветер и магла“, туку дисциплина на резултати. Македонија дефинитивно може да влезе во многу подобар циклус ако очекувањата се постават така. Тука првиот чекор е на нас граѓаните. Мора да станеме активен, буден чинител, да комуницираме директно со политичарите и институциите, да се поврзуваме на принципиелни основи меѓу нас како граѓанство и одговорно да дејствуваме во и вон рамките на нашиот личен екосистем. На сите треба да им се всади во глава дека тоа што е НАШЕ не е ограничено само на нашиот дом и имот, туку НАША (на сите граѓани) е целата татковина, секој метар и километар од околината и треба континуирано да се грижиме за неа.
- Но, факт е дека кај нас често се поддржуват личности поради партијата, а не резултатите. Како да се смени ова?
Ова е длабоко, би рекол, културолошко прашање во Македонија. Децении наназад, политиката кај нас беше изградена околу личности, харизма или некаква припадност. Но, современиот свет не функционира така. Новите генерации, пред сè останато, ги интересира импактот. Компетентноста мора да ја надминува харизмата, а нашата заедничка идеологија треба да бидат мерливите и видливите резултати – не демагогијата. Тоа правило почнува да „чука“ и на „политичките врати“ низ светот. Па, време е да дојде и кај нас.
За да го смениме ова, најпрво потребни ни се јавни очекувања што се јасно мерливи, а не „селективни“. Граѓаните мора гласно да прашуваат: „Што точно е испорачано?“,„Кои индикатори се подобрени?“, и „Што е ветено-а што е реализирано?“
Кога на јавноста ќе ѝ стане нормално да ги следи индикаторите, политичарите ЌЕ МОРА да го следат истиот ритам. И тоа е убавото, никој не треба насила да се менува; промената ќе дојде од очекувањата на јавноста кои со тек на времето ќе пораснат.

- Комуникацијата ја споменувате како клуч. Каква улога игра таа во целата оваа трансформација?
Комуникацијата е мостот меѓу политичарите, институциите и граѓаните. Ако тој мост е слаб, кршлив или неискрен, нема доверба. А без доверба, нема реформи, нема стабилност и не може да има напредок.
Кога политичарите комуницираат транспарентно, отворено и без страв од прашања, граѓаните имаат можност да ги видат „бројките“ позади политиката. Но, кога комуникацијата е театар, досадни флоскули и избегнување конкретни одговори, тоа е знак дека нема импакт. Комуникацијата никогаш не е само алатка, туку таа е огледало на реалната работа што ја има -или ја нема J
Затоа јавно инсистирам на конзистентна, постојана и мерлива комуникација. Тоа е првиот чекор кон вистинска одговорност.
- Сте работеле и со министерства и со јавни институции. Што најмногу недостасува таму?
Недостасува нешо што јас го нарекувам стратегиска архитектура. Имаме многу талентирани експерти, луѓе што знаат да работат, но најчесто нема систем што ги интегрира нивните способности. Проблемот најчесто не е квалитетот на кадарот туку проблем е организацијата.
Второ, недостасува култура на отчетност. Многу институции работат во „затворен систем“ -не објавуваат јасни индикатори, не објаснуваат зошто доцни нешто, не комуницираат проактивно. Таа тишина создава сомнеж, а сомнежот ја руши довербата во институцијата, дури и кога има добри, одговорни поединци внатре.
Трето, недостасува современ пристап кон менаџирање. Според мене, институциите треба да работат како модерни организации, со „KPI“ (клучни индикатори за перформанс), со јасно ДЕФИНИРАНИ процеси, со лидерство што ја движи структурата напред, дава шанси на сите со идеја и ги „пенализира“ сите што се неодговорни.
- Како граѓаните да препознаат „добар политичар“?
Многу едноставно: по она што го оставил зад себе, во која било сфера од општественото живеење (бизнис, образование, наука, култура, претприемништво, активизам и така натаму).
Не по изјави, не по интервјуа, не по настапи. Туку по резултати што може да се видат, измерат и почувствуваат. Затоа е важен „беграундот“ на сите што претендираат да бидат политичари или носиители на јавни функции, тие мора да се веќе изградени личности, препознаени од околината по фер однос, исполнети ветувања и видливи резултати во тоа што го правеле пред да добијат шанса да носат одлуки што ја импактираат целата заедница.
Добриот политичар зборува со факти, а не со приказни. Тој покажува документи, не само општи/политички ставови. Тој презентира реализирани мерки, не листа со желби. А најважно – добриот политичар е транспарентен. Кога некој има што да покаже, тој нема потреба од театралност.
Но, граѓаните не треба само да го „препознаат“ добриот политичар. Тие треба и да го поддржат, за тој да го добие „еланот“ што му е потребен за да функционира во систем како нашиот каде понекогаш им се зема за зло на сите кои инсистираат на резултати и одговорност. Затоа и мојот став e дека добрите функционери и политичари секогаш ќе ги поддржиме, но од оние кои не испорачуваат конкретни резултати, фер е да побараме и да го отстапат своето место.
- Како гледате на улогата на медиумите во оваа еволуција?
Медиумите можат да бидат најсилниот коректив во едно општество – ако работат одговорно. Квалитетното новинарство ја подигнува транспарентноста, ги поттикнува прашањата и не дозволува политиката да се крие зад општи фрази.
Од друга страна, медиумите понекогаш стануваат дел од бучавата. Наместо анализа, многу простор оди на сензационализам и политички спектакли и тоа е нешто што знае да го „загуши“ јавниот дискурс, па наместо за суштински теми, дебатата да се води за баналности.
Затоа сметам дека решението е во вреднување на аналитичкото новинарство, а не на „клик“ новинарството. Општеството добива сила кога медиумите истражуваат и анализираат, а не кога само пренесуваат.
Еден наш поранешен висок политичар во една прилика кажа дека нашата политика е зависна од ПР и се води само поради ПР. Нема во моментов да навлегувам во појаснување што е ПР, а што пропаганда – само ќе кажам дека за жал тој беше брутално во право во делот дека премногу се посветува внимание на тоа како „нештото“ за кое политичарите зборуваат ќе изгледа во медиумите, а помалку што суштински, реално тоа значи.
- Конечно, дали Македонија може да влезе во политичка зрелост?
Да! Побрзо отколку што мислиме! Македонија има голем човечки потенцијал, млад интелигентен кадар и јавност што станува сè повнимателна. Но, ни треба нов стандард. Наместо да ја мериме политиката по зборови, да ја мериме по резултати.
Политичката зрелост доаѓа кога политичарите сфаќаат дека мора да испорачуваат, а граѓаните сфаќаат дека немаат „обврска“ да поддржуваат некој што не испорачува. Тоа е двонасочен процес.
Кога ќе се постави тој стандард, политиката природно ќе почне да се прочистува.
Македонија мора да се движи во правец на резултатска политика – затоа што која било политичка идеологија, без конкретни резултати, е празна демагогија. Министерствата треба да функционираат како модерни организации со јасни цели, институциите да работат брзо и ефикасно, а граѓаните да знаат точно што добиваат за нивниот данок.
Мора да станеме држава во која добрите политичари добиваат уште поголема поддршка, а лошите на цивилизиран, ненавредлив, но неизбежен начин – се заменуваат.
Верувам дека ова не е фантазија! Ова е прашање на навики, култура и очекувања. И ако почнеме да го бараме тоа секојдневно, ќе го добиеме многу побрзо отколку што веруваме.