Весна Костовска: Модернизацијата на цивилизацијата започнува со откритијата во металургијата

55A0153
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK
  1. Во Макстил работите уште од 2007 година, по препорака на Технолошко металуршкиот Факултет како дипломиран студент по металургија. Како изгледа вашиот кариерен пат во Макстил?

 







Мојата кариера во Макстил започнува од 2007 година по препорака на Технолошко-металуршкиот факултет како дипломиран студент по металургија.

Почетоците ми се со запознавање на целокупниот производен процес во Макстил, при што неколку месеци поминувам во погонот Челичарница, а потоа и во погонот топла Валавница. По завршување на приправничката обука, од 2007-2011 година работам како металуршки инженер во секторот Контрола на квалитет при што работни обврски ми се асистирање при раководење со процесот на контрола на квалитетот на меѓуфазните и готовите производи, како и координирање на работата и стручно насочување за обезбедување на ефикасна контрола на производите во топла Валавница.

Од 2011 година па се до денес мојата работна позиција е Координатор за ISO 9001:2015, односно одговорна сум за одржување на Системот за квалитет во Макстил според Стандардот ISO 9001:2015.

 

  1. Колку студирањето на Технолошко металуршкиот Факултет влијаеше на вашиот понатамошен развој и како е да се работи во компанија како Макстил?

Уште од најмала возраст од голем интерес ми беа природните науки. При правењето избор за запишување на факултет веднаш знаев што ќе изберам, а тоа секако беше Технолошко металуршкиот факултет и тоа отсек металургија! Зошто металургија?

Затоа што металургијата е старо поле на науката и всушност ова поле е мајка на секое друго поле.

Замислете го светот без метали. Речиси е невозможно да се замисли каков било предмет што се користи во секојдневниот живот за кој не е потребен метал за неговата изработка. Модернизацијата на човечкиот род започнува поради откритијата во оваа област.

На факултетот постојат врвни професори кои се целосно посветени, несебично го даваат сето свое знаење и се секогаш достапни за студентите. Првата можност што ми ја овозможи факултетот како образовна институција, беше препораката за работа во Макстил. Таа соработка меѓу Макстил и Факултетот ја имаше уште тогаш и сѐ уште трае. Знаете работата е не само да си горд на факултетот, всушност и горди да ги направите професорите што вложуваат напор и труд во своите студенти! Јас сум премногу благодарна на тие можности и знаење што ми ги дадоа.

Доаѓањето во Макстил како млад само што дипломиран инженер, запознавањето со таа нова средина, стапнувањето првпат во погоните, иако изгледаше како голем залак и предизвик за мене, сепак како што одминува времето знаеш дека тоа е тоа каде се пронаоѓаш, за тоа што си учел и те подготвуваа на факултетот. А со упорност, решителност и дисциплина во Макстил има загарантиран успех. Макстил тоа го препознава, се грижи и континуирано вложува во својот кадар преку едукација и усовршување на вештините на вработените со дообуки, посета на саеми, разни работилници.

 

  1. Од 2011 година сте одговорна за одржување на Системот за квалитет во Макстил според Стандардот ISO 9001:2015. Што опфаќа оваа работна позиција?

 

Пред сѐ, Стандардот ISO 9001 е најпрепознатливиот светски Стандард за систем за управување со квалитет (QMS).

Тој има за цел да им помогне на организациите поефективно да ги задоволат потребите на нивните клиенти и другите засегнати страни. Ова се постигнува со градење рамка за да се обезбеди постојан квалитет во обезбедувањето производи и/или услуги.

Стандардот се заснова на седум принципи за управување со квалитет, со силен фокус на клиентите, вклучување на врвниот менаџмент и желба за постојано подобрување.

Макстил е сертифициран по ISO 9001 уште од 2000 година. Тоа докажува дека Макстил е една од првите компании во нашата држава која што покажува посветеност на управувањето со квалитетот и дека задоволството на клиентите е во сржта на работењето.

Од тогаш па наваму успешно се одвива одржувањето на сертификатот ISO 9001 преку редовно прегледување и анализирање на процесите во Макстил. Ова значи дека преку континуирани интерни проверки сите неефикасности и недоследности лесно се идентификуваат и се решаваат.

Поседувањето на овој сертификат е доказ за деловните вредности на Макстил, со што ја зајакнува репутација на Макстил како доверлива организација кај клиентите и другите засегнати страни, што може да доведе до зголемени деловни можности.

 

 

  1. Како изгледа работата на еден Координатор за ISO 9001:2015? Опишетенѝ еден ваш работен ден?

 

Со гордост можам да кажам дека уште од самиот почеток на мојата кариера во Макстил сум дел од тимот во секторот за Контрола на квалитет. Мојот работен ден е исполнет со разни работни задачи и активности кои имаат една основна цел а тоа е да се одржи и потврди високото ниво на системот на квалитет во согласност со Стандардот ISO 9001:2015. Тоа опфаќа планирање и одржување на интерни и екстерни проверки, креирање процедури и ревизии, учество при ревизија од разни сертификациони тела, односно обезбедување континуирано подобрување на Системот за квалитет во Макстил.

Преку ефективна соработка и комуникација со колегите од различни сектори, користејќи го знаењето и искуството, постојано се стремиме кон начини да ги подобриме процесите и практиките, се со цел градење ефикасен Систем за управување со квалитет. На крај задоволството е неизмерно кога сето тоа се потврдува со нов или обновен Сертификат.

А успешноста на остварувањето на плановите и поставените цели на Макстил не би била можна без целосна посветеност на сите вработени.

 

  1. Цели 17 години работите во Макстил. Што ве мотивира да останете во компанијата?

 

Навистина денот како вчера да беше кога дојдов во Макстил, а штом се чувствувам така тоа е доказ дека времето поминато во оваа компанија не е воопшто досадно. Секогаш се случува нешто интересно за да те мотивира, некој предизвик за решавање, континуирано учење и доусовршување.

Дополнително, да се работи во една гигантска металуршка компанија како Макстил која што е една од најдобрите компании во земјава и тоа по струка инженер металург, што би требало повеќе да се бара подалеку од тука, тоа навистина претставува голема мотивација и воедно гордост да се биде дел од една ваква успешна корпорација.

Макстил има совршен спој и соработка со Технолошко металуршкиот факултет, така што, да треба повторно да бирам образование и работа секогаш ќе го одберам овој спој!

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK