Кога на сцената на престижниот The Economist MeetUp се отвори прашањето за иднината на дигиталните плаќања, фокусот лесно можеше да остане само на бројките, милиони трансакции и бесконечни текови на податоци. Но, за време на својот ‘Fire Talk’, Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка на КаСис и претседателка на Управен одбор, ја насочи дискусијата кон нешто многу посуштинско: довербата како најскап ресурс.
Во рамките на конференцијата која ги мапираше предизвиците за „Светот во 2026“, таа откри како КаСис успеа да го трансформира концептот на сајбер-безбедност од техничка спецификација во корпоративна филозофија, еволуирајќи од локален играч во регионален партнер од доверба.
Во пресрет на 25-годишниот јубилеј, преку овој разговор дознаваме како се балансира помеѓу иновацијата и ризикот, и зошто токму во светот на хипер-автоматизација, човечкиот фактор и понатаму останува незаменливиот ‘firewall’ на успехот.
Во 2026 година, КаСис ќе слави 25 години успешна работа, трансформирајќи се од локален процесор во регионален партнер. Зборуваме за над 2,3 милиони издадени картички и околу 2,5 милиони трансакции месечно. Како вие лично ги читате овие бројки и што тие кажуваат за довербата во системот?
Филомена Пљаковска Аспровска: Реалноста е дека тие бројки се дури и повисоки, трансакциите надминуваат 3 милиони месечно, а и бројот на картички е поголем. На нашиот ‘payment gateway’ имаме 1.600 електронски трговци, не само од Македонија, туку и од целиот регион. Овие бројки се, всушност, логична последица на она што го споменав претходно на вредностите што ги негуваме и на растот што се случува во овие 25 години.
Меѓутоа, растот не се гледа само во бројките и во билансите (balance sheet), туку и на друг начин. Во последните 4-5 години, бројот на вработени е зголемен за 80%, а паралелно е зголемен и бројот на клиенти.
Особено ме радува фактот што, токму поради тие препознаени вредности, клиентите ни приоѓаат со ставот: ‘Сакаме да работиме со вас, бидејќи слушнавме дека имате чувство за пазарот и за клиентите’. Ние навистина се трудиме да бидеме иновативни и севкупно да се прилагодиме, како на потребите на пазарот и на нашите клиенти, така и на потребите на нивните крајни корисници.
Велите дека сајбер безбедноста повеќе не е техничко, туку системско и општествено прашање. Што значи тоа во пракса за една платежна институција како КаСис? Како инвестирате во сајбер безбедност?
Филомена Пљаковска Аспровска: Сè уште во државата, па и кај компаниите во регионот, безбедноста често се сведува на купување еден ‘firewall’ уред, еден антивирус и слично. Меѓутоа, за КаСис и за компаниите како нас кои се грижат за чувствителни податоци на клиенти и податоци за картички, тоа е всушност базата на нашето работење.
Станува збор за широка рамка која опфаќа сè, од инфраструктура, хардвер и софтвер, до апликации кои сами по себе ги штитат податоците. Тоа подразбира строго усогласување со глобалните стандарди, како што се PCI DSS (Payment Card Industry Data Security Standard) и PCI PIN процедурите, како и ISO стандардите за заштита на податоци и GDPR регулативата.
Освен имплементацијата на овие стандарди, нашата компанија подлежи на континуирани годишни контроли, за да се потврди дека тие не се само напишани на хартија, туку навистина се применуваат во пракса. По толку години, ова стана основа на нашето работење. Ниту еден нов сервис не може да се пушти во употреба без претходна безбедносна проверка. Тоа веќе преминува во ‘mindset’ не е товар, туку начин на работа, на размислување и на функционирање.
Овој пристап не го практикуваме само интерно, туку се обидуваме да влијаеме и надворешно, на пазарот, на клиентите, на екосистемот и на општеството во целина. Бидејќи безбедноста е светски тренд, работиме на едукација: како да знаеме дека плаќањата се сигурни, како да ги препознаеме ризиците, каде треба да купуваме и што да правиме ако нешто се случи, без разлика дали станува збор за локални продавници или за купување од странство. Нашата цел е, покрај техничката безбедност што ја обезбедуваме како компанија, да придонесеме и за општеството преку подигнување на свеста за новите трендови, но и за опасностите во сајбер-безбедноста.
АИ веќе активно се користи во платежната индустрија. Каде е границата меѓу паметна автоматизација и потенцијален безбедносен ризик? Колку е важен човечкиот фактор во време кога технологијата доминира? Како градите експертиза и континуитет во тимовите?
Филомена Пљаковска Аспровска: Интерно во компанијата веќе користиме системи насочени првенствено кон зголемување на ефикасноста и автоматизација на процесите.
Верувам дека многу скоро и кај нас ќе пристигне трендот што веќе постои во високоразвиените земји, моментот кога АИ агентите не само што ќе ни помагаат при купувањето, туку и ќе носат одлуки и ќе купуваат наместо нас.
Бидејќи ние функционираме во B2B модел, примената на АИ е поделена. Кон нашите директни клиенти (банките и трговците), АИ се користи за подобрување на ефикасноста во комуникацијата и оптимизација на процесите. Од друга страна, кај крајните корисници, влијанието на АИ се одразува преку усовршување на корисничкото искуство и креирање на строго таргетирани и високо персонализирани понуди.
Но, можеби најголемата корист од вештачката интелигенција ја гледаме во контекст на безбедноста. Активно ја користиме во нашите системи за превенција на сомнителни и ризични трансакции. Во делот на спречување на злоупотреби, АИ се покажа како исклучително корисна алатка која ни овозможува проактивна заштита.
Каква е иднината на дигиталните плаќања и какви се вашите очекувања за наредниот период?
Филомена Пљаковска Аспровска Минатата година на оваа иста сцена изјавив дека 2024 беше најуспешната година за КаСис дотогаш. Особено ме радува што можам да го потврдам истото и сега, 2025 година е убедливо најдобрата година во историјата на нашето работење.
Искрено верувам дека истата изјава ќе ја дадам и следната година. Зошто? Бидејќи се отвораат многу нови перспективи. Ако досега само претчувствувавме што може да направи вештачката интелигенција за индустријата и општеството, сега веќе сум сигурна дека следната година ќе биде ‘змеј’ – ќе нè понесе сите нагоре и напред. Очекувам многу работи да се сменат и верувам дека догодина овде ќе разговараме за вистински револуционерни промени.
За КаСис, тоа значи дека продолжуваме со иновации, со следење на светските трендови и потребите на пазарот и на нашите клиенти. И секако, нашата амбиција останува да отвориме уште некој нов пазар.