Интервју со Александар Попов, Гевгелиска дестилерија: На Гордион Амбер му прилега пеперушка

aleksandar_popov_gevgelian_001-678x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поривот за создавање крафт-ракија е лична приказна, но и примена на мајсторлукот собиран низ годините. Ние имаме навистина добри производители, но ретко кој се охрабрува да создаде висококвалитетна крафт-ракија од ваков тип. Многу семејства кај нас правеле или прават ракија, имаме одлична суровина, но квалитетот на ракијата беше и се‘ уште е потценет. Токму квалитетот и уникатните карактеристики на Гордион Амбер, во кои вложивме многу труд, ја прават нашата ракија различна на пазарот – вели Александар Попов, основачот на Гевгелиска дестилерија.







Приказната на Гевгелиска дестилерија започнува во 2016 година со првите лозови насади во околината на селата Моин и Ново Којнско, Гевгелија. Наредната година, дестилеријата произведува мали количини ракија и ги созрева во дабови буриња.

Ракијата е одлична, со автентичен вкус и арома, а реакциите на дегустаторите исклучително позитивни. Ова е поттик за изградба на модерен капацитет и опрема, со цел и мисија да се произведе традиционален производ – крафт лозова ракија без додадени вештачки, синтетички адитиви и без конзерванси. Оттогаш, приказната на Гевгелиска дестилерија, продолжува преку приказната за нивниот бренд ракијата Гордион Амбер. Името асоцира на неговото географско потекло – Гортинија, старото име на Гевгелија, добиено по кралот Гордион, но и на богатата килибарна боја по која е препознатлива оваа ракија.

Што значеше развојот на идејата за висококвалитетна македонска крафт-ракија по светски стандарди? Кои беа првите предизвици што требаше да се надминат?

Попов: Гевгелија и како град и како регион е позната по производство на грозје и ракија. Мајсторлукот, крафтот постои, но низ годините немало услови, регулативата била тешка за некој да може да отвори дестилерија. Така, луѓето биле обесхрабрени и продавале тоа што имале, а тоа го намалува квалитетот. Никој не сака да купи неквалитетен и нерегулиран производ по висока цена.

Затоа на пазарот во Македонија, последниве дваесетина години никогаш не дошле до израз малите производители што прават квалитетна ракија. Јас се водев од моето искуство и хоби во дестилирањето, но и од разговорите со врвните мајстори на занаетот, од кои учев. Имав желба и знаење да дестилирам и да направам квалитетен производ. Сфатив дека треба да се направи бренд преку кој ќе се идентификува овој регион како производител на лозова ракија.

Така, направивме ракија од прва класа винско грозје што дава чист дестилат со неутрален мирис и вкус при дестилирањето. Кога тоа ќе се стави во добро третирано дрво ги влече неговите ароми и се добива висококвалитетна ракија, зреена на природен начин. Самото дрво ја дава аромата, па добивме зрел производ од самите состојки на дрвото. Затоа е крафт-производ без додатоци. За тоа се потребни повеќе мајстории, едната е правењето на дрвото за наша потреба, а другата вистинските дрва да се измешаат во вистински бленд за да се добие буре за нашата ракија. Затоа се избира даб стар повеќе од сто години за да се добие таа арома.

Предизвик ни беше и да најдеме таков партнер во Македонија, но не успеавме. Франција пак има долгогодишно искуство и технологија за доработка. Нашите буриња се произведуваат во две големи француски компании Allary Tonnellerie и Seguin Moreau. Во нив Гордион Амбер ги добива специфичните арома и боја кои многумина ги сметаат за единствени.

Што значеше развојот на идејата за висококвалитетна македонска крафт-ракија по светски стандарди? Кои беа првите предизвици што требаше да се надминат? Важиме за земја и народ кој има традиција и во пиењето и во правењето ракија. Потребна ли е едукација или менување на перцепцијата за тоа што е премиум ракија?

Попов: Потребана е голема едукација. Како што кажав, некогаш имало премиум ракија, но поради економската криза секогаш се барал евтин производ, а тоа доведува до намалување на квалитетот. Затоа на консументите им е полесно е да се префрлат на друг евтин жесток пијалак. Секаде низ светот крафт-производот е поскап. Потребна е едукација што значи крафт-ракија. Тоа е пијалак без ароми, без вештачки бои и конзерванси, сите состојки доаѓаат по природен пат. И тоа е предизвик, затоа барам она што го правам по природен пат да биде вреднувано. И го вреднуваме толку колку што сметам дека овој пазар може да го плати. Дел од пазарот тоа го знае, но потребна е едукација и информација за сите.

Треба квалитетна регулатива за тоа што е обична ракија, а што крафт-ракија и секако поддршка на малите дестилерии кои имаат повеќе трошоци од индустриското производство.

Колку како производител размислувате за релацијата: природа -производство – човек?

Попов: Во нашиот процес на работа не и‘ наштетуваме на природата. Во мојата визија има план и за користење на алтернативните извори на енергија, како фотоволтаици, кои ќе ја користат сончевата енергија, но и за тоа имам задршка.

Прво, многу е скапо и треба да биде на некој начин поддржано или субвенционирано повторно од државата.

Второ, досега во Македонија никој нема искуство за користење на ваков тип на енергија, а притоа да се задржи традиционалниот начин на дестилирање. Затоа велам дека сум со резерва. Секако дека има уште многу што да се направи, но не можеме сами.

Потребна ли е поголема информираност за консумацијата на пијалок како Гордион Амбер, настрана од веќе култната сцена со салата и ракија?

Попов: Таа слика или сцена повторно е одраз на економската криза во која сме константно педесет години. Не е вистина дека ракијата треба да се пие со салата. Жестокиот пијалак бара силно, квалитетно јадење, а не домат и пиперка. Всушност, тоа е одраз на она ’дај што има по дома, стави на маса’. Кога некој пијалак се спојува со храна треба да се внимава со што се пие. Тука исто ни треба многу информираност. Всушност, ракијата е и добар аперитив и добар дигестив.

Како оди пробивот на домашниот, а како на странските пазари?

Попов: На домашниот имаме одличен фидбек, на странските пазари се‘ уште сме во фаза на избирање на добри и посветени партнери. Најпрвин, во нашите угостителски објекти наидував на негодување и скепса дека толку скап производ може да се пробие, но по неколку месеци ни рекоа дека од премиум пијалаците, токму Гордион Амбер најдобро се троши.

Тука не е клучна промоцијата, туку квалитетот на производот. Оние што се враќаат на Гордион Амбер значи веќе се задоволни од него. Засега го има само во премиум или полуксузните ресторани и барови, специјализираните продавници за алкохол, како и во неколку маркети.

Внимателно ја градите и целата приказна за брендот од вкус и квалитет, до изглед и препознатливост. На што се темели таа стратегија и колку во неа има простор за македонска автентичност?

Попов: Она што за нас е важно е дека квалитетот на производот не зависи од каде е, дали е од Македонија или од Англија. Без разлика на тоа, тој секаде и секогаш треба да биде премиум и така треба да биде претставен. Пијанист што свири класична музика не излегува на сцена во џинс, туку со пеперушка.

На Гордион Амбер му одговара, му прилега пеперушка (хахха). Среќа нашата визија ја препознаа креативците од Центарот за визуелна комуникација Ефектива – Скопје, па задовлни сме што заедно го растеме и развиваме имиџот на Гордион Амбер.

Како се роди видео серијалот Голтkа смелост и што всушност значи оваа мисла и мисија за Гордион Амбер?

Попов: Некои од првите дегустатори на Гордион Амбер беа уметници, креативци, луѓе од јавниот и културен живот, што знаат што е добро и убаво. За среќа тие останаа нашите најредовни поддржувачи. Токму нивните реакции, здравици и критики не‘ охрабрија дека сме на добар пат.

Сакав некако да им возвратам на поддршката, па го креиравме серијалот „Голтка смелост“ во кој многу такви личности говорат за храброста во својата или преку својата професија. Гордион Амбер всушност е пријател на смелите луѓе со бистра и убава мисла.

На здравје со „голтка смелост“!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK