д-р Ирфан Ахмети: Сакам моите пациенти со дијабетес да имат квалитетен живот

irfan_ahmeti_3454-574x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Што значи редовно следење на нивото на шеќер во крвта и како тоа се одразува на квалитетот на живот на луѓето со дијабетес?

Редовното следење на нивото на шеќер во крвта е составен дел на мерките за успешното справување со дијабетесот. И за пациентот и за лекарот неопходен е континуиран надзор на гликемиската регулација во организмот, процес во кој мора активно да учествуваат самите пациенти, децата со тип 1 дијабетес и возрасните со тип 2 дијабетес и бремените жени со гестациски дијабетес. Целта е да се одржува гликемијата во оптимална контрола, односно поставување на заеднички цели на лекарот и пациентот за постигнување целни вредности на гликоза во крвта (HbA1c) што е предуслов за спречување на појава на акутни и хронични компликации предизвикани од дијабетесот. Накратко, колку поредовна е самоконтролата на гликемијата, толку подобар е квалитет на живот за лицата со дијбетес.


Дали кај нас веќе се користат придобивките од дигитализацијата во медицината кога станува збор за менаџирање на шеќерот во крвта? Дали луѓето со дијабетес користат модерни онлајн глукометри, апликации на нивните паметни телефони од типот на open source технологии и др.,  каква што е практиката во многу други земји?

Моите пациенти го мерат шеќерот во крвта со дигитални глукометри, повеќето користат глукометри кои освен што го мерат шеќерот во крвта, во нив можат да внесат и други параметри. Секако, има и такви кои користат уште понапредни технологии, односно најмодерни, таканаречени далечински глукометри со чија помош, паметниот телефон претставува е-доктор. Преку блутут веднаш ги пренесуваат сите внесени и пресметани параметри во своите телефони, и веднаш можат да ги препратат до мене. Се повеќе луѓе со дијабетес, како и родители на деца со дијабетес се ориентират кон модерните глукометри кои ги има кај нас на пазарот, користат апликации во своите паметни уреди и ги користат придобивките од дигитализацијата во менаџирање на дијабетесот. Важно е да се истакне дека, за родителите ова е огромна придобивка, постојано да бидат во тек со вредностите на гликемијата кај своите деца додека се во училиште на пример, или играат со пријателите.

Дали може да ни дадете пример од Ваш пациент со дијабетес, како тој / таа пред 15 години го следел/а нивото на шеќерот во крвта, а како тоа го прави денес?

Разликата е во тоа што порано измерените вредности се запишуваа секој ден во дневник кој ми го доставуваа, и на тој начин јас имав увид во гликемијата за одреден временски интервал кај моите пациенти. Денес се е полесно.Светски познати брендови на глукометри ги има веќе и кај нас, можат да се набават во аптеките. Дневникот е дигитален, самите глукометри имаат меморија да ги зачувуваат овие податоци, и преку блутут веднаш си ги испраќаат на своите паметни уреди или онлајн на платформите на компјутерот. Со нивна дозвола, јас имам увид во состојбата во секое време.

Што значи тоа од аспект на комуникацијата лекар-пациент?

Модерните технологии го олеснуваат менаџирањето на дијабетесот од повеќе аспекти. Живееме во пандемиски услови скоро 2 години, огромно е олеснувањето за сите деца и возрасни со дијабетес да не мораат лично да доаѓаат на контроли, а истовремено да чувствуваат сигурност дека се под постојан мониторинг од страна на докторот. Самите модерни глукометри имаат напредни софтвери кои пресметуваат и просечни вредности на нивото на шеќерот во крвта во последните, 7, 30 или 90 дена, што, повторно, е голем олеснувачки фактор за целиот процес на следењето на гликемијата. Јас исто така, во секое време, секако со однапред добиена дозвола од моите пациенти, можам во секое време да влезам во апликацијата или на платформата, и да ги погледнам податоците за моменталната состојба на пациентот.

Кои се Вашите препораки за успешно менаџирање на дијабетесот користејќи ги современите придобивки од дигитализацијата?

Концептот на менаџирањето на дијабетес е сменет во т.н.пациент центричен пристап каде поред друго, треба да се зема предвид и квалитетот на живот кај пациентот (намален ризик на хипогликемии, помали вариации на шекерот во крвта во текот на денот, итн). Во денешно време на користење на напредни технологии во медицината, децата и возрасните со дијабетес имаат огромни шанси за долг и квалитетен живот без сериозни компликации од дијабетесот, под услов да се активно вклучени во менаџирањето на дијабетесот. Кога целта е јасна, а тоа е да имаат квалитетен живот, тогаш дисциплината, не само за редовното следење на шеќерот во крвта, туку и правилниот начин на исхрана, редовната физичка активност и адекватната терапија ординирана според поставените целни вредности на HbA1c, другите придобивки на лекот, тогаш модерната дигитализација претставува значителен напредок и еден вид на алатка за полесно и сигурно остварување на целта. А целта е ке повторам, квалитетен и безбеден живот со дијабетес.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK