Атанасов: И покрај кризата “БРАКО” продолжува со интензивно производство и вложување во развојните програми

igor_atanasov_005-678x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Опсервер: По кризата предизвикана од пандемијата токму во моменти кога се очекуваше економијата полека да заздравува се надоврзаа неповолните импликации по стопанството предизвикана од војната во Украина. Како „Брако“ се справува со новосоздадената криза и колку оваа криза влијае врз деловните активности на компанијата?

Атанасов: За жал околностите се такви да кога цел свет очекуваше стивнување на пандемијата со Ковид-19 и постепено закрепнување на економијата, сега имаме нова криза поради ситуацијата во Украина која има далекусежни импликации врз деловните активности на нашата компанија но и глобално на сите чинители и субјекти. Од една страна, цените на енергенсите неколкукратно се зголемија заради неизвесноста и ограничените количини, а аналогно на тоа се зголемија и цените на компонентите и суровинските материјали. Од друга страна пак, поради недостатоци од одредени суровини и компоненти роковите на испорака драстично се пролонгираат, а има ситуации и кога добавувачите ни ги откажуваат потврдените нарачки поради неможност да испорачаат. Во една ваква ситуација на галопирачки раст на цени на компоненти е многу тешко да се одреди и производната цена на производите кои се произведуваат во БРАКО, конкретно на едно возило за чистење на јавни површини каде што има илјадници компоненти. Ако не се следат будно сите промени во цени многу лесно може да се случи производната цена да стане повисока од продажната цена односно да се прави загуба со секоја испорака. Воглавно тоа се предизвиците со кои се соочуваме во моментов, но морам да напоменам дека остануваме посветени да обезбедиме континуитет во производниот процес, а исто така продолжуваме со ненамален интензитет да работиме на развојните проекти за подобрување на постојните машини но и проширување на гамата со претставување на нови модели.


Опсервер: Една од предностите на „Брако“ како што се истакнува од менаџментот е диверзитетот на производните програми. Какви се нарачките за следниот период, какви се вашите очекувања за извозот имајќи предвид дека најголем дел од вашето производство е наменето за странските пазари?

Атанасов: Диверзитетот на производни програми прави потешкотии при менаџирањето и организирањето на производството поради различните габарити и комплексност на производите, но сепак носи и предности од аспект на дисперзија на ризиците. Во низа години наназад, сме биле сведоци на помала побарувачка во одредена производна програма, но пак за сметка на тоа сме имале  зголемена побарувачка во друг дел што на крај резултира со обезбедувањето на континуираниот раст на компанијата. Што се однесува до очекувањата за нарачки и извоз во наредниот период, можам да кажам дека во наредниот период сме покриени со нарачки и имаме планирано извози во земјите кои што ни се редовни големи клиенти како што се Велика Британија, Саудиска Арабија, Турција, Франција, САД, Емиратите, Кореја итн. Изминатиот период претставивме електрична верзија на самоодната машина управувана од пешак од серија 400, која досега се нудеше само со дизел мотор и морам да изразам задоволство од интересот и побарувачката за овој нов модел.

Опсервер: Како инженер кој дипломирал како еден од најдобрите студенти на Машинскиот факултет во Скопје по времето изминато од дипломирањето досега која е Вашата оценка колку македонските компании им даваат простор за развој, кариерно напредување  и услови за надградба на младите инженери?

Атанасов: Од моето дипломирање до сега поминаа скоро 12 години и сите овие години по завршувањето на студиите ги поминав работејќи во компанијата БРАКО. Во тој период се здобив со практично знаење и искуство и ги поминав сите скалила во хиерархијата, почнувајќи како погонски инженер, потоа како инженер во развој, па проект менаџер и на крај како директор на производна програма и член на управен одбор на БРАКО. Особено задоволство ми е што ми се укажа можност и ми се исполни желбата да работам во областа на возилата, бидејќи Моторни возила беше и насоката на која студирав на Машинскиот факултет во Скопје. Од моето искуство можам да заклучам следното, простор и услови за работа и напредување постојат, со напомена дека е неопходно континуирано учење и надградување на знаењето, трпение и трудољубивост и на тој начин резултатите и напредокот ќе бидат неминовни.

Опсервер: Од пред повеќе од две години „Брако“ стана сопственик на брендот на возила за одржување хигиена „Грин машинс“ и тие сега комплетно се произведуваат во фабриката во Велес. Какво е искуството во изминатите две години работа на овој бренд , докажа ли вашиот тим и раководството на „Брако“ дека и во Македонија може да се произведува врвен и иновативен производ и тоа речиси целосно потпирајќи се на домашен кадар?

Атанасов: Овој период што го спомнувате од повеќе од две години е само периодот откако ја преземавме сопственоста на брендот „Грин Машинс“, додека машините се произведуваа и претходно но сопственик на брендот беше австриска фирма. Неколкуте стотици машини произведени и испорачани од БРАКО се најдобар доказ дека и во Македонија може да се произведе комплексен производ со врвен квалитет кој може да ги задоволи строгите барања и на најпребирливите клиенти. Нашите машини се користат за одржување на хигиената во Белата Куќа во Вашингтон, Бакингемската Палата во Лондон, Кралските палати во Тајланд итн. Ние сме компанија со вертикално интегрирана структура и имаме стратегија сите метални компоненти да ги изработуваме во кругот на нашата фабрика, а да купуваме само компоненти кои што не се во нашиот делокруг на производство како што се мотори, компоненти за хидраулични и електрични системи, пластики итн. Во нашиот тим сите вработени се домашни кадри, освен еден колега кој доаѓа од старата фабрика на Грин Машинс од Шкотска.

Опсервер: Познато e дека една од главните карактеристики на возилата на „Грин машинс“ е еколошката компонента, токму во Велес се произведе првото возило на хидрогенски погон. Се работи ли во моментов на нов иновативен, револуционерен производ во „Брако“ и „Грин машинс“?

Атанасов: Брендот „Грин Машинс“ низ целото свое постоење од основањето во 1965 год. до денес е препознатлив по представување на иновативни решенија во областа на одржување хигиена на јавни површини. Започнувајќи со серија 400 машината која прави револуција во начинот на чистење од рачно во механизирано чистење, понатаму со серијата 500ze кој е првиот целосно електричен свипер и последно со хидрогенското возило кое воопшто не ја загадува животната средина бидејќи единствен производ од работењето на машината е водена пареа. По преземањето на брендот во наша сопственост започнавме интензивен циклус на развој односно подобрување на постојните машини и претставување на нови. Резултат на таа работа е претставувањето на новиот модел на механички свипер потпомогнат со вакум модел ГМ955, хидрогенското возило 500Н2, електричната верзија на серија 400 машината, бензиска верзија на моделот 636 и верзија на 636 со дизел Stage V мотор. Процесот на развој е еден континуиран процес кој во никој случај не смее да запрешто заради тековно подобрување на машините, а што заради задоволување на нормите и барањата. Во моментов работиме на нов електричен свипер со поголем капацитет на контејнерот, а концептот се надевам ќе го презентираме јавно за релативно краток период. Покрај тоа работиме на целосен редизајн на кабините со цел постигнување на подобра ергономија за операторите, а воедно и имплементација на најсовремена дигитална технологија со екрани на допир со цел елиминирање на концвенционалните аналогни покажувачи и прекинувачи.

Опсервер: На крајот на мај најавувате учество на еден од најголемите саеми во индустријата на еколошки технологии ИФАТ во Минхен. Какви се вашите очекувања од изложувањето во Германија?

Атанасов: Овој саем ИФАТ во Минхен е најважниот собир од светски рамки каде што се презентираат последните достигнувања во овој тип на машини за чистење на јавни површини и друга технологија за рециклирање на разни типови на материјали и прочистување на отпадни води. Се одржува на секои две години, но заради пандемијата последниот саем во 2020 год. беше целосно откажан. Значи, веќе  има поминато 4 години од последниот одржан саем во Минхен. Ова е одлична прилика за нас да ги презентираме сите новитети за сите заинтересирани посетители, подобро да ги запознаат нашите нови модели и достигнувања, а воедно преку презентацијата на концептите да имаат претстава што да очекуваат во наредниот период. Очекувањата се дека ќе има добра посетеност на саемот, позитивни реакции за нашите нови модели и се разбира на крај и нови зголемени нарачки за машини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK