Во 2025 година, вештачката интелигенција (AI) станува неизбежна алатка во маркетингот. Според извештајот на Digital Marketing Institute, 50% од маркетерите денес креираат содржина користејќи вештачка интелигенција, 45% користат AI алатки за brainstorming, а дури 43% од маркетинг професионалците автоматизираат повторливи задачи и процеси користејќи софтвер со вештачка интелигенција.
Разговаравме со Наташа Велковска, директор за бизнис развој во Represent Communications, за можностите што вештачката интелигенција ги отвори во маркетингот и едукацијата.
Опсервер.мк: Наташа, вештачката интелигенција е сè поприсутна во маркетингот. Како гледаш на нејзиното влијание врз креативната индустрија?
Наташа Велковска: AI не е замена за креативноста, туку алатка што ја засилува. Овозможува анализа на големи количини податоци и предвидување на трендови, хиперперсонализација и поголема ефикасност, но човечката интуиција и емпатија остануваат незаменливи. Клучот е во соработката меѓу AI и креативците за создавање на автентични и персонализирани кампањи.
Опсервер.мк: Дали креативците треба да се плашат?
Наташа Велковска: Не. AI не е крај на креативноста, туку почеток на едно ново поглавје во кое побрзо ги филтрираме идеите, побрзо тестираме концепти и поефикасно стигнуваме до релевантна содржина. Но AI го нема личното искуство, емоција или тон.
Опсервер.мк: Дали AI ја менува улогата на маркетерите?
Наташа Велковска: Апсолутно. Маркетерите мора да бидат технолошки писмени, да разбираат како функционираат AI алатките и како да ги користат за подобрување на стратегиите. Тоа бара континуирано учење и адаптација.
Опсервер.мк: Значи содржината сè уште е и ќе остане крал во маркетингот?
Наташа Велковска: Само ако има кралица, а тоа е стратегијата. ChatGPT може да ти направи по еден пост не дневно туку на секоја минута да објавуваш ама дали таа содржина ќе има вредноста за публиката е сосем друго ниво. Во Represent работиме на стратегии кои ги издвојуваат клиентите од какофонијата на генерички контент. Би рекла дека го кодираме секој комуникациски пилар, расплетуваме теми и talking points, и потоа креираме содржина која е наменета за луѓе, не за алгоритми.
Опсервер.мк: Ги споменуваш вредностите – како ESG комуникацијата се вклопува тука?
Наташа Велковска: ESG не е PowerPoint слајд. Ако сакаш да зборуваш за одржливост – покажи. Ако сакаш да зборуваш за еднаквост – нека ти биде видлива во тимот, не само во рекламите. Публиката денес чита помеѓу редови и сака да гледа што правиш, не само што тврдиш. Ако сакаш внимание – не го купувај, заслужи го. А најдобриот начин? Раскажувај вистински приказни што ги допираат и/или забавуваат луѓето.
Опсервер.мк: Како сите овие трендови ги пренесуваш на новите генерации маркетери од Академијата за дигитален маркетинг на Семос Едукација?
Наташа Велковска: На Академијата за дигитален маркетинг на Семос Едукација предавам неколку модули меѓу кои и контент стратегија каде е вклучен сегмент за користењето на генеративната вештачка интелигенција. Но на часовите не учиме што е алатка туку како и зошто да ја користиме.
Студентите работат на индивидуални проекти но и групно на вистински брифови од клиенти. За мене е најважно да ги научам како да размислуваат, да деконструираат и реконструираат наративи, да градат доверба преку релевантни и вредни бренд приказни. Со добра приказна имаш предност во перформанс маркетингот наспрема оние кои врескаат „Купи, купи!“
Опсервер.мк: Како гледаш на иднината на AI во маркетингот?
Наташа Велковска: AI ќе продолжи да се развива и да нуди нови можности. Но, важно е да не заборавиме на етичките аспекти и да осигуриме дека технологијата се користи одговорно. Најуспешни ќе бидат оние што ќе знаат како да ја комбинираат технологијата со човечката креативност и разбирање. На крајот автентичноста е таа што ќе направи разлика.