Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 јули.
Денеска е Св. маченик Емилијан.
Мачеништвото на свети Емилијан се случи во Тракискиот град Доростол, во времето на цезарот Јулијан кого црквата го нарече Отстапник (четвртиот век). Кога Јулијан отстапи од христијанската вера не само што се врати на колењето животни и обожувањето на киповите, туку праќаше намесници по градовите да ги гонат и убиваат христијаните. Така и во Доростол беше испратен намесник, кој кога виде дека тука нема христијани израдуван приреди голема гозба. Свети Емилијан се прикри, а инаку беше слуга на градоначалникот. Додека траеше прославата тој излезе во градот и ги искрши сите идоли. Следното утро, кога царскиот намесник го виде овој призор, започна ловот на виновникот. Беше фатен некој селанец. Кога Емилијан виде дека наместо него ќе пострада невин човек, самиот отиде и се пријави кај намесникот. А кога овој дозна дека свети Емилијан е христијанин, нареди да го мачат и да го фрлат во оган. Тоа се случи во 362 година.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Игнациј.
Бил роден во 1491 година во Лојоли, во Кантабрија. Ја извршувал војничката служба. Студирал теолошки науки во Париз, а ја основал и дружината на Исус во Рим. Како свештеник, напишал многу дела и ги поучувал учениците т.е. следбениците кои биле заслужни за обновата на црквата во шеснаесеттиот век. Свети Игнациј умрел во 1556 година.