Од верските календари

verski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 мај.

 


Спомен на Првиот Вселенски Собор

Спомен и пофалба на Светите отци од Првиот Вселенски Собор се врши во неделата пред Педесетница или во седмата недела по Воскресение. Соборот се одржа во Никеја, во 325 година, во времето на царот Константин Велики. Беше свикан за да ја отстрани забуната којашто ја создаде александрискиот свештеник Ариј со неговото криво учење. Имено, тој ширеше учење дека Христос е создаден од Бога во времето и дека не е предвечен Син Божји, рамен по суштина на Бога Отца. На овој Собор учествуваа 318 Свети отци. Соборот го осуди учењето на Ариј и Ариј го предаде на анатема, бидејќи не сакаше да се покае. Уште Соборот и конечно го утврди Симболот на Верата, којшто подоцна, на Вториот Вселенски Собор беше дополнет. На Првиот Вселенски Собор учествуваа голем број значајни светители, меѓу кои особено се истакнуваа: Свети Николај Мирликиски, Свети Спиридон, Свети Атанасиј, Свети Ахил, Свети Пафнутиј, Свети Јаков Нисивиски, Макариј Ерусалимски, Александар Александриски, Евстатиј Антиохиски, Евсевиј Кесариски, Митрофан Цариградски, Јован Персиски, Аристак Ерменски и многумина други од Исток. А од Запад присуствуваа: Осија Кордобски, Теофил Готски, Цецилијан Картагенски и други. Главната работа на овој Собор беше, значи, утврдувањето на Симболот на Верата. Освен тоа Соборот го утврди и времето за годишното празнување на Христовото Воскресение (Велигден). Беа пропишани и дваесет други канони.

 

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е 11 јуни.

 

Свети Варнава

Денешниот заштитник е Варнава, апостол и маченик од 1 век. Неговото вистинско име било Јосиф, левит, учен елинист од Кипар, кој го прифатил христијанството по Христовата смрт и им припаѓал на седумдесетте први Христови ученици. Свети Лука за него пишува во Дела на апостолите: „Тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и вера“ (Дела 11,24). Ја продал својата земја и тие пари му ги донел на Петар за потребите на првата христијанска заедница. Апостолите го нарекоа Варнава. Додека другите беа полни со страв, тој беше првиот што му поверува на Павле дека е преобратен и дека повеќе не е прогонител на христијаните и го одведе кај апостолите. Основачот на христијанската заедница во Антиохија, според Дела на апостолите, бил соработник на свети Павле и сопатник на неговото прво патување во Кипар и Мала Азија. Тој е еден од главните промотори на универзализмот на христијанството и, со Павле, прв ги проби границите на јудаизмот. Подоцна се разделил со Павле поради несогласувањето на Павле со неговиот внук, евангелистот Јован Марко. Успешно соработувал со Марко на Кипар и самостојно го проповедал евангелието во елинистичките кругови.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK