Вчера околу 10.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосницата од улицата „Ѓорче Петров“ и крак од улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово, 65-годишниот Л.Д. од село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, бил удрен од приколка и починал на местото, извести МВР.
„Имено, тој со товарно возило влекач „ман“ со приколка со кумановски регистарски ознаки превезувал работна машина багер. На наведеното место го запрел возилото и со сопатникот Љ.Б.(37) од с.Бразда, започнале со истоварање на работната машина од приколката. Откако Љ.Б. влегол во багерот, Л.Д. останал надвор од возилото да му дава насоки да го спушти од приколката. Притоа, приколката се придвижила, при што влекачот удрил во паркирано патничко возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки, во кое бил И.В.(47) од Куманово, кој се здобил со повреди, констатирани во болницата во Куманово. Во обид да го запре возилото, Л.Д. бил прегазен од приколката и од здобиените повреди починал на местото“, соопшти МВР.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид извршиле јавен обвиниел, екипа од СВР Куманово и трудов инспектор.