По краткотрајниот притвор и прибирање на сите неопходни докази во оваа фаза, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска и формално отвори истрага против шест лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Во временскиот период од 01.05.2025 година до 03.07.2025 година, осомничените шест лица заедно, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело – трговија со дрога, искористувајќи ист траен однос и исти или слични прилики. Тие неовластено продавале или заради продажба неовластено држеле наркотична дрога – амфетамин во вкупна нето маса од околу 6,5 килограми, наркотична дрога – марихуана во вкупна нето маса од 257 грама, како и – 98 таблети психотропна супстанца 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)“, соопшти Обвинителството.
Предистражната постапка против осомничените траела неколку месеци и притоа дел од доказите биле обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
На 3 јули сите осомничени беа уапсени во координирана акција, при што по барање на јавниот обвинител, а врз основа на претходно обезбедени наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје и во Куманово.
При претресите, освен претходно наведената дрога и психотропни супстанции, беа пронајдени и одземени дополнителни количини и пакувања со марихуана, хашиш, амфетамин, кокаин, различни таблети, повеќе дигитални ваги, други предмети и парични средства.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка ефективен притвор за сите шестмина осомничени.