Скопското обвинителство определи мерки на претпазливост за четирите малолетнички кои малтретираа 13-годишно девојче во Ѓорче Петров
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје за четири деца за кривично дело – насилство.
Малолетничките, од кои една на возраст од 17 и три на возраст од 14 години, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон друго 13-годишно девојче и за нив постапката се води согласно Законот за правда за децата.
Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките.
Вчера беа поднесени и кривични пријави против родителите на децата.
„Во меѓувреме, во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје вчера се доставени шест кривични пријави за Запуштање и малтретирање дете, против лица кои како родители ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, а како резултат на тоа малолетните деца на пријавените лица извршиле кривично дело Насилство, односно физички напад врз 13-годишната малолетничка во Ѓорче Петров“, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка.