Охриѓанец проголтал опаковка со дрога пред да биде фатен од полицајци, по што му се влошила здравствената состојба. Според информациите од полицијата, тој починал во болница.
Вчера во 22.30 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид, уапсен е И.М.(32) од Охрид. Тој, со автомобил „Ренџ Ровер“ со чешки национални ознаки, не го сопрел возилото по даден знак од полициската патрола туку избегал и по дополнително преземени активности, бил застанат.
Притоа, полициските службеници во возилото го забележале С.П.(44) од Охрид кој веднаш проголтал опаковка со наркотична материја по што, му се влошила здравствената состојба. Од страна на полициските службеници, повикана е Итната медицинска помош со чие возило С.П. е пренесен во Општата болница во Охрид. Таму, и покрај преземените медицински мерки, тој починал.
По наредба на јавен обвинител, денеска ќе биде извршена обдукција во Општата болница во Битола. По насоки на јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.