Најмалку 50 лица се загинати во дискотека во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на позната група.
Според неофицијалните информации, пожарот избувнал околу 3 часот, поради употреба на пиротехнички средства на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе.
Повредените се префрлени во болниците во Кочани и Штип.
На Клиника за хируршки болести „Наум Охридски“ во Скопје досега има донесено 27 повредени.
Над 100 млади луѓе се повредени, според првичните информации на екипите на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен.
„Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, соопштија од Јавното обвинителство.