Каде ќе се движи процесот против Клиника Жан Митрев и што може да се очекува откако клучните сведоци ги разнишаа наводите на обвинителството

Zan-Mitrev-Clinic
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кон каде ќе се движи процесот против Клиника Жан Митрев и доктор Жан Митрев и што може да се очекува како исход откако веќе клучните сведоци сведочеа и ги разнишаа наводите на обвинителството, обвиненијата на МАЛМЕД паднаа во вода, а обвинителството без конкретни докази го гони кардиохирургот за измама, иако користениот метод на хемофилтрација се докажа дека спаси многу човечки животи коишто во клиниката биле примени во животозагрозувачка состојба.

На 12 мај започна судскиот процес против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница Жан Митрев Клиник, по поднесено обвинение за сторено кривично дело “измама“ на пациенти кои се лекувале од Ковид-19 во неговата клиника и на истите им бил применет методот на хемофилтрација, односно прочистување на крвта кај критично болните.



Двајцата главни сведоци кои беа дел и од документарниот филм, по што  поднесоа тужба против доктор Митрев за измама и бараат оштета веќе ги дадоа своите искази пред судот. Но интересно со почетокот на овој случај е што самите изјави на сведоците ја срушија тезата на обвинителството и обвинителниот акт по кој се гони доктор Митрев за наводна измама. Мелита Брезева сведочеше дека пет члена од истото семејство биле лекувани во Клиника Жан Митрев и на сите им биле вратени паричните средства за неискористените хемофилтрации во вкупна вредност од околу 26.000 евра, како и изјавата дека нејзиниот сопруг барал третман со хемофилтрација уште од првиот ден, иако за истото бил одбиен од медицинските лица во болницата. Главното прашање во случајот со Брезева е за што поточна бара оштета, ако болницата веќе исплатила голема сума на пари на истото лице. Но ајде да почнеме хронолошки како се одвиваше целиот судски процес против доктор Митрев.

На 17 јули минатата година, невладината организација под име Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави документарецот Нечиста крв, документарец направен за Клиника Жан Митрев и докторот Митрев како главен протагонист во таканаречениот организиран криминал и измама со умисла како “единствена болница” која лечела Ковид пациенти со помош на методот на хемофилтрации. Но дали е единствената болница која го правеше ова или намерно беше јавно вперен прстот во нив? Фактите говорат дека хемофилтрација во време на ковид пандемијата се применувала и на државната клиничка болница.

Хемофилтрацијата во време ковид беше метод користен и во јавното здравство, а тоа го покажуваат и податоците од Бирото за јавни набавки за драстично зголемување на бројот на набавени филтри за хемофилтрација на државната Кардиохирургија, токму во екот на ковид пандемијата. Сепак јавноста беше наведена дека овој метод се користи само на Клиниката Жан Митрев, и тоа како експериментален метод, преку кој пациентите и нивните блиски биле наведувани и изманипулирани, а за тоа сега бараат оштета. Но кој бара оштета и за што?

Како што и претходно напоменавме, еден од главните сведоци во процесот против доктор Митрев и неговата клиника е Мелита Брезева. Пет члена од семејството Брезеви биле лекувани во Клиника Жан Митрев меѓу кои е и сопругот Никола Брезев. Во изјавата која Мелита Брезева ја даде пред Судот, таа изјави дека нејзиниот сопруг побарал третман со хемофилтрација уште на почетокот откако бил примен во болницата. Поради непостоење индикации за примена на хемофилтрација, ова барање на почетокот било одбиено, притоа следејќи ја понатамошната клиничка слика на пациентот. Никола Брезев примил само една хемофилтрација, по која добива негативен ковид тест.

Дали одбивањето на докторите да искористат филтри за хемофилтрација кај пациентот уште од првиот ден како што и било побарано значи измама? Зошто тогаш пациентот добил само една хемофилтрација, а на семејството веднаш им биле вратени депонираните скоро 26.000 евра при прием во клиниката?

Постојат ли сепак докази во обвинителството за сторено кривично дело “измама” со умисла од Клиника Жан Митрев и доктор Жан Митрев или исказите на главните сведоци чиишто сведоштва во сторијата на ИРЛ го покренаа целиот овој случај сепак го дискредитираа обвинението докажувајќи уште еднаш дека станува збор за неосновани обвиненија против кардиохирурхот Митрев. Дали се ова напади и прогон само кон Митрев и неговата клиника или е напад и кон сите преживеани, пациенти кои беа примени со тешка клиничка слика и благодарение на хемофилтрација им беше подарен нов живот? Како ќе се движи овој процес и што може да очекуваме како исход, јавноста ќе може да види од следното рочиште закажано за утре, 3 ноември.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK