Истрага за сообраќајката кај „Блаце“ што резултираше со три жртви

soobrakajka
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, соопштија од Обвинителството.

– Осомничениот 64-годишник од Скопје на 17 јуни управувал со патнички автомобил „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки на магистралниот пат Скопје – ГП „Блаце“ во насока од југ кон север. Кога дошол пред тунелот Бадар, каде сообраќајот е регулиран со сообраќајни знаци поради работа на пат, презел дејствие на претекнување на колона возила кои се движеле во ист правец. Во моментот на престигнувањето, дошло до контакт меѓу неговиот и автомобил „БМВ“ со косовски регистарски ознаки, кој се движел како трето возило во колоната која ја престигнувал осомничениот. Како резултат на ударот, автомобилот „БМВ“ излегол од коловозот и паднал во коритото на реката Лепенец, при што од возилото успеал да излезе само еден од патниците, а телата на останатите тројца беа пронајдени следниот ден, откако автомобилот беше извлечен од водата, наведуваат од Обвинителството.


Во текот на истражната постапка, додаваат, јавниот обвинител ќе преземе дејствија, ќе сослуша сведоци и ќе нареди повеќе вештачења за целосно испитување на настанот и на причините заради кои дошло до контакт меѓу двете возила.

– Имајќи ја предвид возраста и здравствена состојба на осомничениот, но и потребата за негово обезбедување во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова, појаснуваат од Обвинителството.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK