Полицијата во изминатото деноноќие лиши од слобода 18 возачи поради безобѕирно управување возило на територијата на целата држава.
Од МВР информираат дека 17 од приведените возачи управувале возила без возачка дозвола. Петмина од нив биле затекнати во Скопје, тројца во Прилеп, а по едно лице во Битола, Кочани, Делчево, Кичево, Валандово, Гевгелија, Велес, Неготино и во тетовско.
Еден од возачите бил лишен од слобода во село Дулица, општина Македонска Каменица, бидејќи управувал возило под дејство на алкохол, а притоа предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета.
По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возила без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.