Првите зелени коридори на ЦЕФТА и Транспортната заедница кон ЕУ (Грција) одбележуваат една година од имплементацијата. Оваа иницијатива, овозможена преку системот за електронска размена на податоци SEED+, ја преобликува царинската соработка и ја забрзува трговијата меѓу ЦЕФТА и ЕУ.
Системот SEED+ кој е целосно финансиран од ЕУ, овозможува сигурна и ефикасна размена на податоци меѓу царинските администрации, подобрувајќи ги анализите на ризик и значително намалувајќи ги времето и трошоците на чекање. Неговата флексибилност и приспособливост обезбедуваат беспрекорна трговија и ги минимизираат административните оптоварувања.
-Иницијативата Зелени коридори ја покажува посветеноста на ЦЕФТА и ЕУ за унапредување на трговијата и градење поблиски економски врски меѓу нив. Таа не само што ја докажа својата ефикасност, туку ги постави и темелите за идна подобрена соработка, поттикнувајќи посилна поврзаност меѓу ЦЕФТА и ЕУ. Со оптимизирање на царинските процеси и обезбедување ефикасно гранично управување, иницијативата ги поддржува бизнисите во проширувањето своите пазари и по пониски трошоци, изјави Данијела Гачевиќ, в.д. директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.
Стефан Богоев, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија, изјави дека Управата е посветна на олеснување на трговијата во секој аспект, со што се зголемува конкурентноста на трговските друштва на меѓународниот пазар, а во исто време се обезбедува ефикасност и безбедност на граничното управување.
-Воспоставувањето на Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА и проширувањето на оваа иницијатива кон земјите-членки на ЕУ, што започна со воспоставување електронска размена на податоци меѓу нашата земја и Грција во јули 2022 година, ја поддржува транспарентноста и предвидливоста на синџирите на снабдување, поставувајќи цврста основа за идните интеграции на ЦЕФТА страните со ЕУ, изјави Богоев.
Според Џорџ Ј. Пицилис, гувернер на Независната управа за јавни приходи на Република Грција, нивното учество во иницијативата Зелени коридори е од големо значење.
-Нашата соработка со ЦЕФТА и Транспортната заедница и со Царинската управа на Северна Македонија беше од корист за сите нас, бидејќи влијаеше на многу прашања од прекуграничната трговија. SEED+ е алатка со додадена вредност за подобрување на олеснувањето на трговијата, која истовремено обезбедува поефективни контроли, изјави Пицилис.
Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница на ЈИЕ, посочи дека првата година од спроведувањето на Зелените коридори со ЕУ беше значајна пресвртница за поврзувањето и транспортот во регионот.
-Оваа иницијатива ги приближи економиите, рационализирајќи ги граничните процедури и намалувајќи го времето на чекање. Успехот на овие Зелени коридори ја нагласува нивната важност за подобрување на поврзаноста, олеснување на трговските текови и зајакнување на регионалната интеграција. Како што продолжуваме да го надградуваме ова достигнување, со нетрпение очекуваме дополнително да ги подобруваме транспортните врски и да негуваме поблиски економски односи со нашите партнери од ЕУ, рече Закоњшек.
Податоците собрани во текот на првата година од иницијативата со Грција ќе послужат како основа за идните анализи. Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА покажаа дека времето на чекање во првата половина на 2023 година се намалило во просек за 10 минути по камион, што резултира со вкупна заштеда од 5459 дена во споредба со податоците во 2022 година.
Меморандум за разбирање за размена на податоци беше потпишан меѓу царинските администрации на Северна Македонија и Грција во јули 2022 година, по што следуваа меморандуми за разбирање меѓу царинските управи на Албанија, Италија и Црна Гора потпишани во септември 2022 година, и меморандуми за разбирање меѓу царинските управи на Албанија, Хрватска и Црна Гора. Воспоставената соработка служи како основа за целиот иден транспорт и трговија од сите ЦЕФТА страни до земјите членки на ЕУ.