Women on Boards Adria [Жени во органи на управување Јадран], регионално непрофитно здружение посветено на унапредување на родовата еднаквост во процесите на одлучување во претпријатија од Јадранскиот регион [т.е. Западниот Балкан], официјално ги започнува своите активности. Нововоспоставеното стратешко партнерство со European Women on Boards (EWOB) [Европски жени во органи на управување] има за цел да ја подобри застапеноста на жените во одборите на директори и во извршните функции во Јадранскиот регион, во согласност со барањата на Европската унија (ЕУ) наведени во Директивата „Жени во органите на управување“.
Повеќекратни анализи покажуваат дека земјите од Јадранскиот регион не ги исполнуваат стандардите на ЕУ во однос на застапеноста на жените во управните одбори на големите претпријатија, а жените и понатаму се недоволно застапени во извршните функции во овие претпријатија.
„Women on Boards Adria (WOBA) се стреми да го промени тоа преку промовирање на важноста на родовата разновидност за одговорни деловни практики и поттикнување на претпријатијата да назначуваат повеќе жени во нивните одбори на директори. Преку едукација, обука, воспоставување мрежа на талентирани жени-лидери, соработка со претпријатија, влади, меѓународни институции и граѓански организации, ние имаме за цел да поттикнеме поголема застапеност и вклученост на жените на сите нивоа. Преку залагање за усогласување на родовите политики со стандардите на ЕУ, имаме намера да ја промениме статистиката на Јадранскиот регион“, рече Biljana Braithwaite [Билјана Брејтвејт], претседателка на здружението Women on Boards Adria [Жени во органи на управување Јадран].
Брејтвејт нагласува дека: „Нашата цел е да промовираме инклузивно одлучување во претпријатијата, да ги отстраниме бариерите што ги попречуваат жените да се вклучат во одборите на директори и да го поддржиме нивното напредување кон извршните и високите менаџерски функции во претпријатијата во регионот, во согласност со директивата „Жени во органите на управување“, која има за цел да воведе транспарентни процедури за вработување во претпријатија во ЕУ. До 30 јуни 2026 година, Директивата има за цел да обезбеди жените да заземаат најмалку 40% од неизвршните директорски места или 33% од сите директорски места во сите големи јавно котирани претпријатија во ЕУ“.
„Партнерството и соработката помеѓу Women on Boards Adria и European Women on Boards, европска организација одговорна за надгледување на спроведувањето на Директивата „Жени во органите на управување“ во 27 земји на ЕУ, имаат значителна важност за нашиот регион. Со поддршка од EWOB, експертиза и размена на најдобри практики од цела Европа, имаме за цел да преземеме стратешки чекори кон поттикнување поинклузивно и родово врамнотежено лидерство во Јадранскиот регион. Искуството на EWOB, особено во нејзиното успешно залагање за воведување родови квоти во органите на управување во ЕУ, служи како вреден извор на согледувања и сфаќања. Со нетрпение очекуваме да учиме од нејзините достигнувања во унапредување на родовата еднаквост во органите на управување и лидерските позиции во големите претпријатија“, нагласи Брејтвејт.
„European Women on Boards [Европски жени во органи на управување] веќе една деценија придонесува за родова разновидност во процесите на одлучување во Европа, особено преку цврста соработка со националните организации, чија цел е да се подобри родовата рамнотежа во корпоративните органи на управување. Со нетрпение го очекуваме позитивниот исход од влијанието произлезено од нашето ново партнерство со Women on Boards Adria [Жени во органи на управување Јадран], благодарение на заедничките иницијативи во регионот, споделувањето на најдобрите практики со практиките во другите европски пазари [на труд] и учеството во нашата работна група за поддршка на спроведувањето на директивата „Жени во органите на управување“, рече Silvia Wiesner [Силвија Визнер], претседателка на Комитетот за партнерство и членство во EWOB.
Брејтвејт додаде дека: „Во рамките на здружението Women on Boards Adria [Жени во органи на управување Јадран], се радуваме на сите идни соработки со бројни регионални иницијативи и организации посветени на економско зајакнување на жените и промовирање на инклузивно одлучување во претпријатијa на сите нивоа.“
Регионалната иницијатива Women on Boards Adria [Жени во органи на управување Јадран], беше официјално претставена во април 2023 година на водечкиот самит за прашања од областите на животна средина, општество и управување во Западниот Балкан, што се одржа во Црна Гора. Иницијативата, организирана заедно со Сустинери Партнерс, собра поддршка од разни претпријатија во регионот, како и од меѓународни организации како што се European Women on Boards [Европски жени во органи на управување] и Women at the Table.