Дојдено е време за промена на досегашниот модел на економски развој. На земјава и е потребна модерна реиндустријализација, структурна трансформација на извозот, намалување на учеството на сивата економија, но и општествен консензус за економски реформи, политики и мерки. Ова се едни од клучните пораки што беа пренесени од бизнис заедницата на денешната трибина и промоција на книгата „Стратешки документи на комората“ чии автори се Бранко Азески, претседател на Стопанската комора и проф. д-р Дарко Лазаров, професор на Економски факултет, УГД – Штип и претседател на клубот на извозници при СКСМ.
На трибината, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, се осврна на четирите стратешки докумети на кои се базира книгата: 1) Време е за промена на досегашниот модел на економски развој; 2) Модерна реиндустријализација и структурна трансформација на извозот како фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија; 3) “Сивиот дел” на македонската економија: големина, импликации, решенија; 4) Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки.
Тој потенцираше дека токму овие докумети, изготвени и презентирани од страна на комората во изминатите години, се патоказ и основа на која треба да почива идниот развој на македонската економија. Важно е креаторите на политиките во државата да сфатат дека политиката е таа која треба да го следи бизинисот, а не бизнисот политиката.
Учесниците на трибината, дел од ко-авторите на книгата и долгогодишни соработници на Комората, потенцираа дека реформи во државата се неопходни но за жал ги нема, главно поради немање политичка волја и поддршка, но и поради слабиот квалитет и капацитет на администрацијата за спроведување на потребните реформи.
Бизнис секторот уште еднаш потсети дека и домашните комапнии имаат капацитет, знаење и долгогодишно работно искуство, но им недостасува поголема поддршка. Економијата не може да се развива ако сите капитални проекти ги работат странски фирми, затоа е потребно да се води повеќе сметка за ангажманот на домашните компании. Апелираат дека е крајно време некој да го препознае нивниот напор, Македонија да стане земја препознатлива по вредните и квалификуваните работници кои произведуваат работи со додадена вредност.
Стопанствениците апелираат во периодот што следи фокусот на идната Влада да биде економијата. Првично мора да се реши проблемот со сивата економија и работата на црно. Подобрување на патната инфраструктура и инвестиции во енергетиката мора да бидат приоритет за следните 10 години. Но и државата да ги намали парафискалните давачки кои на компаниите им прават дополнителен притисок во задржување на ликвидноста.
Беше заклучено дека е потребно сите чинители на политиките да ги прочитаат овие стратешки документи со коишто се предлагаат рационални но и остварливи решенија. Институционалниот капацитет и потенцијалот кој го поседува комората може да биде ставен во функција на бизнисот и на развојот на македонската економија, што треба да биде сврзно ткиво околу кое ќе се обединат сите чинители во државата (академијата, бизнисот, државата и граѓанскиот сектор) за повисоки стапки на раст и развој во иднина.
На трибината учествуваа и студенти од Економскиот факултет при УГД – Штип, на коjашто имаа можност да ги слушнат согледувањата на бизнис секторот за моменталните и идни состојби во бизнисот и македонската економија. Бизнисот едногласно посочи дека младите луѓе треба да бидат моторот на идниот развој на државата и дека тие се целосно подготвени да соработуваат со Универзитетите со цел младите луѓе да стекнат практични вештини и претприемничко знаење кое подоцна ќе го искористат за вработување во приватниот сектор но и за отворање на сопствени бизнисот.