Кога противниците на инвестицијата бараат и тврдат дека актуелната Влада не смее по „ниту една цена“ да дозволи да се изгради рудникот Иловица, несомнено треба да се земе предвид дека таа таканаречена „ниту една цена“ всушност има висина и големина како една финансиска атомска бомба која ќе ја раздрма македонска економија до невидени размери. Сегашните постапки на Владата како колектив или индивидуални постапки на одредени министри за рударските концесии може да ја загрозат иднината на повеќе идни генерации.
Една од водечките светски компании во рударската индустрија Групацијата „Трафигура“ се јавува како покровител на инвестицијата во рудникот Иловица. Меѓудругото оваа Групација се занимава и со трговија со метали и други суровини. Оваа компанија е еден од клучните акционери во „Еуромакс ресоурцес“, која пак во Македонија ги застапува правата кои произлегуваат за рударските концесии во Иловица.
„Трафигура“ е мултинационална компанија со регионални центри на повеќе континенти. Главното седиште за Европа е во Женева, Швајцарија, а потоа следуваат и Хјустон, САД, како и Монтевидео за Јужна Америка, но и Мумбаи во Индија. Компанијата, освен со метали, се занимава и со енергенси, а е основана во 1993 година. Набрзо прераснува во компанија која има клучни сопственички удели во изградбата и активностите на голем број рудници, топилници, нафтоводи, пристаништа и терминали за складирање во светот. Паралелно „Трафигура“ се наметнува и како најголемиот приватен трговец со метали во светот и втор по големина трговец со нафта, која опстојува во економиите на 36 земји, со отворени преку 65 канцеларии.
Во портфолиото на компанијата е истакнато дека тие „најмногу инвестираат во решенија кои придонесуваат за производство на зелена енергија, која пак е најпотребна за енергетската транзиција со нула емисии на јаглерод“. Оттаму велат дека за постигнување на своите цели, инвестирале во повеќе компании и проекти. Меѓу нив се „Пума енерџи“, која контролира пренос на горива, како и „Импала терминали“, која се занимава со складирање на стоки и логистика. Третата покрупна инвестиција е во „Nyrstar“, меѓународен производител на метали и минерали неопходни за постигнување на енергетската транзиција. Покрај тоа, „Трафигура“ е мнозински сопственик на TFG Marine, како и во H2 Energy. „Galena Asset Management“ од друга страна е целосно во сопственост на „Трафигура“ и претставува нејзина инвестициска подружница.
Од компанијата „Еуромакс ресоурсес“ неодамна соопштија дека правните можности за покренување меѓународната арбитража против државата произлегуваат од билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година. Тие постојано потенцираат дека нивен мнозински акционер е Групацијата „Трафигура“, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
„Спогодбата предвидува дека инвеститорот може да поднесе барање за решавање на спорот до Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) или Ад-Хок Судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на Комисијата за меѓународно трговско право на Обединетите Нации (UNCITRAL)“, соопштија од „Еуромакс ресоурцес“.
„Еуромакс Ресоурцис“ истакнаа дека ги информирале своите акционери за неодамнешното поништување на претходната Одлука за одобрување за спојување на концесиите од страна на Владата.
„Ваквата нова Владина одлука не содржи и не е базирана врз правни аргументи за спротивно одлучување од одлуката со која беше потврдено спојувањето. Компанијата ќе побара од Владата повторно да ја разгледа одлуката за спојување на концесиите со оглед на големата важност за развој на регионот и државата во целина. Земајќи ги предвид актуелните политички околности со кои е прекриена изненадувачката спротивна одлука на првично донесената од Владата, Компанијата со посебно внимание ги проценува следните чекори и ќе ги преземе сите неопходни активности со цел заштита и обезбедување на правата за сите акционери“
Оттаму додадоа дека сите инволвирани страни, што може да се протолкува дека ваквата формулација се однесува и за дејствија на поединечни министри, може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, или е политички мотивиранa.
Според проценките, евентуалната меѓународна арбитража може да ја чини државата најмалку една милијарда евра, не вклучувајќи ги затезните камати од спорот.