Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на отворањето на нов погон на фабриката „ВИК“ во ТИРЗ Прилеп.
„Би сакал уште еднаш да го изразам своето задоволство што имаме нов производен капацитет, нова инвестиција, којашто се очекува кога ќе го достигне својот максимум да има нови дополнителни 300 вработувања.
Компанијата „Вик“ за нас е многу важен, би рекол, партнер, посебно во Пелагонискиот Регион, посебно овде во Прилеп, којашто веќе успешно работи од 2018 година“, кажа Мицкоски.
„Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она коешто институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор. Посебно кога имаме ваков тип на инвестиција којашто има фокус на циркуларната економија, односно економија којашто е многу важна сега во Европа, економија којашто има за цел сето она коешто е старо и искористено да го рециклира и да го обнови, практично. Тоа е она коешто претставува додадена вредност и тоа е она коешто претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија.
Јас уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сопственикот за убавите зборови коишто ги кажа, за визијата и тоа што го препозна Прилеп и оваа економска зона, но и Македонија како дестинација за водење бизнис“, изјави Мицкоски.