Сите тутунари да добијат линеарна субвенција од 100 денари за секој килограм предаден тутун кај регистриран откупувач, без разлика на класификацијата, предлага СДСМ.
Пратеникот од опозициската партија, Миле Талевски, пред новинарите изјави дека откупните цени на тутунот паѓаат, а тутунарите оваа година ќе имаат помалку пари во семејниот буџет. Наместо линеарен модел, вели Талевски, воведена е дискриминаторска проценка по класи: 80 денари за прва класа, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа.
„СДСМ ја разбира важноста на тутунот и ги цени тутунопроизводителите. Затоа, како опозиција, поднесуваме Предлог-закон за финансиска поддршка на тутунопроизводителите. Овој предлог предвидува сите тутунари да добијат линеарна субвенција од 100 денари за секој килограм предаден тутун кај регистриран откупувач, без разлика на класификацијата. Со оваа мерка, цените повторно ќе се покачат над 500 денари по килограм, што е потребно за покривање на производствените трошоци и поддршка на семејствата кои егзистираат од тутунопроизводството“, рече Талевслки образложувајќи го предлог-законот.
Партијата ги повика сите пратеници во Собранието да го поддржат Предлог-законот бидејќи тутунопроизводителите заслужуваат стабилност и поддршка, а не пад на цените и неизвесност.