Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.