Трендафилов: Министерката за труд да стави потпис на решението за нов претседател на ССМ

trendafilov
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новоизбраниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов денеска упати апел до министерката за труд и социјална политика да стави потпис на решението со кое тој треба да биде впишан во Централниот регистар како нов претседател на ССМ.

– Сакам да упатам апел до министерката за труд и социјална политика да не се меша во внатрешните работи на синдикатите. Конгресот на ССМ во петокот имаше седница на која едногласно бев избран за претседател на ССМ. Согласно Статусот на ССМ, Конгресот е највисокото тело кое разрешува и именува претседатели на ССМ. Тоа вчера беше потврдено и од претставниците на Меѓународната организација на трудот. За жал, Министерството за труд и социјална политика и министерката се ставаат над законите и над конвенциите на МОТ и им треба време да размислат кој да биде претседател на ССМ, изјави Трендафилов, одговарајќи на новинарско прашање по состанокот во Министерството за финансии.


Министерката, како што посочи Трендафилов, треба да креира политики во Министерството и да ги почитува легитимните одлуки на органите и телата на синдикатите без оглед на тоа дали се работи КСС, ССМ, КСОМ.

– Апелирам до министерката тоа да го направи уште денес и да биде направена промената во Централниот регистар затоа што сеуште стои дека претседател ни е Дарко Димовски кој прерано го загуби животот. Се надеваме дека Министерството за труд и социјална политика нема да биде единствениот виновник да не бидат исплатени платите на вработените во ССМ во услови кога преговараме за зголемување на платите во јавниот сектор, рече Трендафилов.

Доколку биде потребно, додаде Трендафилов, уште еднаш ќе го поднесат решението во Министерството и таму уште еднаш ќе го направат изборот, но тогаш и ќе побараат оставка од министерката.

Трендафилов беше избран за нов претседател на ССМ во петокот на Конгрес што се одржа во Скопје. Тој беше единствен кандидат за претседател. Изборот за нов претседател на ССМ уследи откако по кратко боледување на 45-годишна возраст почина дотогашниот претседател Дарко Димовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK