– Стопанската комора на северозападна Македонија е против Предлог-законот за данок на солидарност и го смета за неуставен и казнен. Во реакција до медиумите СКСЗМ укажува дека вакво законско решение ќе ги дестимулира компаниите да инвестираат и да се развиваат, затоа што во случај на пораст на приходите и нето добивка, тие ќе бидат казнети.
-Стопанската комора на северозападна Македонија го крева гласот против воведувањето закони кои ги “казнуваат” планирањата и тековите на развојот на бизнисот. Спротивставувањето кон оваа иницијатива е принципиелна, бидејќи цениме дека ова ќе ги дестимулира компаниите да инвестираат и да се развиваат, затоа што во случај на пораст на приходите и нето добивка, тие ќе бидат казнети. Исто така, ова е јасен негативен показател за неразвиено економско владеење од страна на власта, бидејќи ова ги дестимулира инвестициите, особено оние на домашните компании, без разлика дали тие се етаблирани или потенцијални компании, пишува во реакцијата.
Комората укажува дека економијата во земјаваа претрпе значителен пад со оглед на последователните кризи кои силно го погодија бизнис-секторот. Компликациите од ваков закон, додава СКСЗМ, се краткорочни и долгорочни и дека „казнувањето” успешни компании нив ги прави несигурни.
-Воедно, во спротивност е и со Уставот на Република Северна Македонија, член 52, став 4, кој вели дека: „законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните”. Правната или економската сигурност на домашните компании или странските инвеститори во голема мера зависи од способноста на институциите да изнајдат правични и разумни решенија во време на криза, а „казнувањето“ на успешните компании не треба да дојде како последица на лошото управување со кризи со цел товарот да не падне врз грбот на бизнисите кои се уште не можат да закрепнат од последователните кризи, наведува СКСЗМ во реакцијата.