Стопанската комора на Северна Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потпишаа Меморандум за соработка, кој има за цел да ја зајакне борбата против корупцијата и да го унапреди интегритетот во општеството. Оваа иницијатива е дел од проектот „Граѓаните против корупцијата“, поддржан од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
На состанокот, кој се одржа во просториите на Стопанската комора, беа презентирани активностите на Стопанската комора во рамки на проектот, вклучително и резултатите од анкетата што Комората ја спроведе за изложеноста на компаниите на коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година. Беше дискутирано и за обуките за бизнис интегритет, кои се дел од проектот, а опфаќаат поставување на систем за интегритет во компаниите, усогласување со меѓународните и европските стандарди, примена на мерки за спречување на корупцијата и поттикнување на етичка деловна средина.
Меморандумот за соработка го потпишаа претседателот на Комората, Бранко Азески и претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска. Тој предвидува одржување на средби меѓу претставниците на двете институции, со можност за вклучување на компании членки на Комората и други релевантни институции со надлежности за спречување на корупцијата. Оваа рамка за соработка опфаќа учество во работни групи заради промена на законска и друга регулатива од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и учество во изготвувањето на новата национална стратегија за спречување на корупцијата и имплементација на активностите од истата. Меморандумот предвидува соработка при реализација на настани-јавни дебати, работилници, конференции, тренинзи насочени кон зголемување на свеста кај јавноста за прашања поврзани со спречување на корупцијата и јакнење на интегритетот.
Програмата „Граѓаните против корупцијата“ е предводена од Македонскиот центар за меѓународна соработка, поддржана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор.