Средба Ангеловска-Бежоска – Петрова: Преку соработка на институциите до зголемена заштита на граѓаните

Средба-Ангеловска-Бежоска-Петрова-УЈП-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка остварија средба со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова и нејзиниот тим. На средбата беше дискутирано за новиот Единствен регистар на сметки кој се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи. Овој регистар ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи. Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции.


Овој регистар се очекува особено да ја зголеми ефикасноста на процесите за присилната наплата преку обезбедување релевантни информации за платежните сметки за потребите на новиот електронски систем за присилна наплата, којшто исто така е предвидено да се воспостави согласно Законот за плетжни услуги и платни системи. Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите на присилна наплата и давателите на платежни услуги, обезбедувајќи поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства за присилна наплата со што ќе придонесе за намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните.

Исто така, на средбата беше истакната важноста на соработката помеѓу институциите во финансискиот систем, којашто е од суштинско значење за зачувување на макрoекономската стабилност, како и дека преку координација и споделување на финансиски податоци, засилено управување со ризикот и проактивен став против финансиските неправилности, ќе се делува кон натамошно јакнење на економската отпорност.

На состанокот во Народната банка беа разгледани иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци, за полесно следење на монетарните и фискалните трендови, што ќе придонесе и кон добрата координација помеѓу фискалната и монетарната политика, но и кон борбата против неформалната економија. Беше истакнато дека двете институции се залагаат за финансиски екосистем кој поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.

Ангеловска-Бежоска и Петрова, изразија подготвеност за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двете институции во рамките на своите надлежности за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите од нашата земја.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK