Кои се правните можности инвеститорот во рудникот „Иловица-Штука“ воопшто да може да покрене меѓународна арбитража против државата? Прашањето го покренаа дел од правните експерти според кои евентуалната тужба од страна на Еуромакс против Македонија пред меѓународниот арбитражен суд во Вашингтон би била отфрлена, поради ненадлежност.
Сепак, прашани која би била правната основа за евентуално покренување спор пред меѓународните судови, од „Еуромакс Ресоурсес“ се повикаа на билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година. Од компанијата појаснуваат дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
„Согласно член 10 став 1 од билатералната спогодба, кога ќе настане спор меѓу заштитените инвеститори и Република Северна Македонија, ќе се одржат активни консултации меѓу засегнатите страни со цел спорот да се реши на „пријателски начин“. Понатаму, доколку консултациите не резултираат со решавање на административниот спор, спогодбата предвидува дека инвеститорот може да поднесе барање за решавање на спорот до Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) или Ад-хок судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на Комисијата за меѓународно трговско право на Обединетите Нации (UNCITRAL). Овој механизам за решавање на спорови, како што е утврдено во член 10 од билатералната спогодба, е договорен за страните во спорот да имаат можност да ги решат своите разлики по пат на преговори, наместо скапи и долготрајни меѓународни процеси. Еуромакс Ресоурсес трпеливо даде можност во нормална, но за жал долготрајна судска постапка пред управните судови во Македонија, да се дојде до легитимно правно решение“, се вели во одговорот од „Еуромакс ресоурсес“ за Фактор.
Од компанијата додаваат дека веќе ја повикале Владата на консултации кои би завршиле со спогодба, односно на „пријателски начин“. Тие доставиле „формално известување“ уште во март 2020 година и додаваат дека ваквото известување е последен формален и правен чекор пред отпочнување на арбитражната постапка. Но, до консултации не дошло.