Советот на странски инвеститори во соработка со Царинската управа на РСМ на 19.09.2023 година организираше еднодневна работилница на тема: „Крајна употреба и придобивки за имателите на одобрение“ со цел економските оператори да се запознаат со крајната употреба, начинот и постапката како да се дојде до одобрение за крајна употреба, а се со цел да се користат придобивките од страна на имателите на одобрение.
Настанот го отвори претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на Костал Македонија г. Виктор Мизо којшто се заблагодари на претставниците на Царинска управа изразувајќи го своето верување дека овој настан ќе придонесе да се надминат сите нејаснотии во примената на постапката за Крајна употреба пропишана во Законот за царинска тарифа.
Од Царинската управа истакнаа дека стојат на располагање на сите компании коишто се извозно ориентирани за секаков вид на помош.
Во текот на работилницата беа објаснети сите аспекти околу дефинирање на крајната употреба, законските основи, можностите и начинот за поднесување на барање и добивањето на одобрение. Истовремено учесниците добија практични совети во врска со начинот на поднесување на барањето, но и начинот на надзор над спроведување на крајната употреба и соодветно правилниот начин на раздолжување на постапката. Исто така присутните компании имаа можност да се запознаат со придобивките за имателите на одобрение, но и видовите на стока, кои можат да бидат предмет на крајна употреба. На крајот, претставниците на компаниите имаа можност да поставуваат прашања, како од оваа тема така и за се останато што ги засега, а е во доменот на царината.
На овој работен состанок коj се одржа во хибриден формат присуствуваа околу 40 учесници претежно од странските компании во земјава и членки на Советот на странски инвеститори.