Советот на Народната банка, на редовната седница, ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година, при што беше оценето дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината, придонесувајќи за одржување на ценовната и финансиската стабилност.
Во Годишниот извештај се истакнува дека 2025-тата година беше обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, додека сè уште постојат геополитички ризици и ценовни притисоци. Оттука, Народната банка водеше претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што се придонесе за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во домашната валута. По умереното нормализирање на монетарната политика, на самиот почеток на 2025 година, основната каматна стапка беше непроменета во ефективна смисла до крајот на годината. Претпазливата монетарна поставеност беше дополнително поддржана и со промените кај задолжителната резерва, како и со затегнувањето во делот на макропрудентните инструменти. Кон крајот на 2025 година, Народната банка премина и кон нова оперативна монетарна рамка, заради поголема усогласеност со меѓународните практики и подобро испраќање на сигналите на монетарната политика, без притоа да се промени поставеноста на монетарната политика. Ваквата поставеност на политиката, односно нивото на каматните стапки, заедно со промените кај другите инструменти, придонесуваат за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за ценовна стабилност на среден рок.
Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.
Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што е оценето дека во текот на 2025 година успешно се остварени програмските активности. Покрај редовните процеси, се остварија и повеќе развојни проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето, со што е постигнат баланс помеѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата.
Советот заклучи дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, беше остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.
Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%.
Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност.
И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.
На седницата, Советот донесе измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над две години. Мерката има привремен карактер, со важност од две години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност.
На седницата, Советот разгледа и други материјали поврзани со тековното работење на Народната банка.