Скопје и со постоечката инфраструктира со двете топлани и без било кој цевковод може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем. Да не се шири фама дека Скопје би останал без топлинска енергија, изјави првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски за монтирањето на новиот топловод под мостот „Беласица“.
„Поентата на сето тоа е што повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целиот систем. ТЕ-ТО е важен оти ни дава топлинска енергија којашто е за два и пол, три пати пониска од цената на топланите во градот Скопје“, рече Бислимоски. Регулаторната комисија инсистира тоа да биде по многу пониски трошоци и уверува дека нема да отстапат од таа цел.
Бислимоски појасни дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 отсто од топлинската енергија за да сочува ценовната стабилност.
„Нема да дозволиме ценовни шокови“, дециден е Бислимоски.
За одлуката за цената на парното греење, првиот човек на РКЕ рече дека ќе ја донесат одлуката кога ќе добијат цврсто уверување околу поставувањето новите цевки под мостот „Беласица“.