Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес од Струмица соопшти дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка.
Според договореното, ајварската пиперка ќе се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, по известувањето на откупните центри од страна на преработувачите.
„Како ресорен министер и претставник на Владата, сакам да ја уверам јавноста дека секогаш сме на страната на земјоделците. Сметаме дека нивниот труд и квалитетот на производите што ги нудат треба да бидат соодветно вреднувани и платени“, изјави министерот Серафимовски.
Тој информираше дека договорот е резултат на повеќедневни средби и разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите. Во процесот беше вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи, а на состаноците беа разгледани сите расположливи информации, состојбите на теренот и ставовите на засегнатите страни.
„Процесот беше макотрпен, но дојдовме до заедничко решение за цената на пиперката. Земјоделците заслужуваат вложениот труд да им биде вреднуван и навремено исплатен по завршувањето на бербата“, нагласи министерот Серафимовски.
Тој упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува.
Истовремено, министерот ги повика земјоделците правилно да го пријавуваат и предаваат својот род во откупните центри, во согласност со утврдените класификации.
„Цената мора да се утврдува врз основа на квалитетот што го нудат производителите. Квалитетот треба да биде оценет според јасни критериуми, а земјоделците да ја добијат соодветната договорена цена“, додаде министерот Серафимовски.
Министерот најави дека по завршувањето на бербата, во текот на октомври и ноември, ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни за воспоставување трајни системски решенија.
Тие треба да опфатат единствена методологија за класификација на пиперката, прецизни рокови за исплата на предадените производи и дополнителна сигурност за земјоделското производство.
„Овие состојби не треба да се повторуваат секоја година. Потребни се законски и системски решенија со кои земјоделците ќе имаат сигурност во производството, откупот и исплатата“, истакна министерот Серафимовски.