Со порака дека во една тегла мед се соединети природата, човечкиот труд и карактерот на поднебјето, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Радовиш ја отвори манифестацијата „Меден Радовиш 2026“.
Министерот Серафимовски во своето обраќање посочи дека значењето на пчеларството го надминува производството на мед и други пчелни производи.
„Преку опрашувањето, пчелите имаат незаменлива улога во овоштарството, градинарството и поледелството, поради што нивната поголема заштита е неопходна за зголемување на домашното производство на храна и зачувувањето на биолошката разновидност“, порача министерот Серафимовски.
Тој додаде дека политиките во овој сектор се насочуваат кон понатамошна професионализација и модернизација на пчеларските стопанства, зачувување на автохтоната македонска медоносна пчела, подобро искористување на пчелната паша и создавање производи со повисока додадена вредност.
Министерот Серафимовски истакна дека институционално се засилуваат контролите на квалитетот, заштитата од нелојална конкуренција и надзорот над погрешно декларираните производи.
„Македонскиот мед има потенцијал да биде високо вреднуван производ. Неговата вредност и понатаму ќе ја надградуваме преку проверен квалитет, препознатливо потекло, современо пакување и посилно присуство на домашниот и странските пазари. Чесниот пчелар кој произведува вистински и квалитетен мед ќе биде препознаен и заштитен, затоа што грижата за пчелите е грижа за иднината на македонското земјоделство“, порача министерот Серафимовски.