Руските фирми се повеќе користат биткоин и други дигитални валути за меѓународни плаќања како одговор на западните санкции, објави Ројтерс.
Кинеските банки, некогаш клучни посредници во руската трговија, значително ги намалија трансакциите поради стравувањата од губење на пристапот до американските финансиски пазари. До средината на 2024 година, околу 80% од руските плаќања во кинески јуани наводно биле одбиени или вратени.
Овој потег уследи по законските измени во Русија кои овозможуваат употреба на криптовалути во надворешната трговија за да се ублажи влијанието на санкциите. Москва ги прифати криптовалутите, вклучувајќи го и легализирањето на рударството на биткоин.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов за време на интервјуто за каналот „Русија-24“ потврди дека домашно рударење биткоин сега се користи во надворешната трговија како дел од експерименталната рамка.
„Вакви трансакции веќе се случуваат“, рече Силуанов, нагласувајќи дека дигиталните валути можат да станат клучна алатка во меѓународните плаќања.
Санкциите значително го ограничија пристапот на Русија до традиционалните финансиски пазари. И САД и ЕУ го забранија извозот на долари и евра во Русија во март 2022 година, намалувајќи ја нивната употреба во трговијата.