Револуционерните одлуки на ЦЕФТА и новиот Акционен план за Заедничкиот регионален пазар во фокусот на десеттиот Самит за Берлинскиот процес

viber_image_2024-10-14_14-01-37-414
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерите на Берлинскиот процес од Западен Балкан и поединечни претставници на земји-членки на Европската унија се собраа во Берлин за да ја одбележат десетгодишнината од Берлинскиот процес и да разговараат за клучни иницијативи насочени кон поттикнување на економската интеграција, поврзаноста и одржливоста. Данијела Гачевиќ, вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, присуствуваше на Самитот, чиј домаќин беше германскиот канцелар Олаф Шолц.

За време на Самитот, новите одлуки на ЦЕФТА беа истакнати како револуционерно достигнување кое ќе овозможи успешна имплементација на тековниот Акционен план за Заедничкиот регионален пазар. Данијела Гачевиќ, вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, изрази благодарност кон Германија и останатите учесници на Берлинскиот процес за поддршката во усвојувањето на ЦЕФТА договорите. Објаснувајќи го нивното значење, таа додаде: „Секој од овие договори носи серија конкретни придобивки за нашите граѓани и економијата, без кои сложувалката на Заедничкиот регионален пазар не би била комплетна. Но, ова е само почеток. Лидерите јасно ја изразија својата желба за уште поголеми резултати, а ЦЕФТА е решена да ги испорача.”


Продолжувајќи го напредокот постигнат во последните четири години, лидерите на Западен Балкан усвоија нов Акционен план за Заедничкиот регионален пазар за периодот 2025-2028 година, кој поставува насоки за подобрување на трговијата, мобилноста и инвестициите во регионот, како и за интеграција со Единствениот пазар на ЕУ. Новиот четиригодишен план е поделен на шест столба, од кои ЦЕФТА ќе имплементира три: слободно движење на стоки, слободно движење на услуги и хоризонтални мерки во трговијата. Планот има за цел да го отклучи потенцијалот на регионот преку зголемување на трговијата и инвестициите и отворање на вратите за забрзана интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

Покрај трговијата и проширувањето на пазарот, на Самитот беа разгледани и итните предизвици поврзани со Зелената агенда и енергетското поврзување. Самитот беше затворен со заедничка прес-конференција на која зборуваа канцеларот Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други клучни фигури, сигнализирајќи ја силната поддршка на ЕУ за напорите на регионот за интеграција и соработка.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK