Перински: Општините може да аплицираат и со повеќе проекти, средствата ќе се доделат преку шест министерства

perinski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински, на прес-конференцијата за почетокот на проектот за доделување на 250 милиони евра за развојни проекти за општините.


Перински, кој детално го образложи јавниот повик, во своето излагање посочи дека средствата се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот, а повикот е веќе отворен и објавен на веб-страната на Министерството за локална самоуправа и на веб-страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.

Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа. Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот. Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.

Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа: Министерството за култура и туризам; Министерството за транспорт; Министерството за социјална политика, демографија и млади; Министерството за образование и наука; Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.

За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

На прес-конференцијата се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик. Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK