Одржана 51. сесија на Клубот на истражувачите: Презентација на трудовите коишто ја добија Годишната награда на Народната банка

klub_istrazuvaci_narodna_banka_2342342
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Народната банка се одржа 51. сесија на Клубот на истражувачите, платформа на Народната банка за презентација и разгледување научноистражувачки трудови и поддршка на научноистражувачката дејност во земјава.

На оваа сесија учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудовите „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“ од авторот Никита Ристовски и „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ од авторот Стефан Таневски. Авторите Никита Ристовски и Стефан Таневски се добитниците на првата и втората годишна награда за млади истражувачи на Народната банка за 2024 година, соодветно.


Сесијата ја отвори Билјана Давидовска-Стојанова, директорка на Дирекцијата за монетарна политика и истражување и членка на Одборот за оценување на трудовите при доделувањето на овогодишната награда за млади истражувачи. Таа истакна дека доделувањето годишна награда за млади истражувачи од страна на НБРСМ, заедно со Клубот на истражувачите како платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови, придонесуваат кон поттикнување на истражувачката активност и подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјата.

Секој од трудовите се осврнува на актуелни теми, како што се потенцијалните придобивки од евроинтеграцијата и истражување на постоењето на канал на монетарна трансмисија преку секторските берзански индекси. Tрудoвите се одликуваат со оригиналност и обработуваат области коишто се исклучително релевантни, со што се придонесува за збогатување на научноистражувачката литература и се отвора простор за натамошни истражувања.

Трудот на Никита Ристовски ги испитува потенцијалните економски влијанија врз земјава, доколку станеше членка на Европската Унија во 2004 година. Според авторот, македонската економија би имала позитивен ефект од интеграцијата во ЕУ врз економскиот раст и продуктивноста на трудот и голема би била веројатноста земјава да има компаративна предност и да е специјализирана за трудоинтензивни индустрии.

Во трудот на Стефан Таневски емпириски се истражува постоењето на секторски канал на цените на средствата за пренос на монетарната политика во поблискиот регион. Авторот конструира секторски индекси за целиот регион, врз основа на идејата дека една регионална берза може да обезбеди поголема ефикасност за котираните компании во регионот. Општо земено, во трудот се документира присуство на каналот на цените на средствата во секторите финансии и телекомуникации, каде што има поголемо присуство на мултинационални корпоративни мрежи, што не е случај за производствениот и енергетскиот сектор, врз основа на што авторот заклучува дека локалните берзи сè уште се премногу фрагментирани и постои простор за поефикасна регионална берза.

 

По завршувањето на презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата.

 

Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected]. Следната сесија ќе се одржи во септември годинава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK